Кратко време по почетокот на протестот, полицијата, која претходно одобри собир до 150 луѓе, повикувајќи се на безбедносни мерки поради војната, ги потисна демонстрантите, од кои некои се вратија на местото на настанот, а дел, пак, седнаа на земја, одбивајќи да си заминат
Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците во центарот на Тел Авив на протест против војната што Израел ја води против Иран и против Хезболах во Либан, пренесоа светските агенции. Насобраните граѓани ги повикаа властите на земјата веднаш да ги прекинат непријателствата, но по кратко време беа растерани од полицијата.

Како што објави новинар на агенцијата Франс прес, демонстрантите извикувале: „Не бомбардирајте!“, „Разговарајте!“
„Нетанјаху е најголемата закана за постоењето на Израел“,
пишувало на транспарент што го носела една демонстрантката, укажувајќи на премиерот на земјата, Бенјамин Нетанјаху.
Војната на Блискиот Исток започна на 28 февруари, откако Соединетите Американски Држави и Израел извршија заеднички воздушни напади врз Иран, на кои Техеран одговори со ракетни и удари со беспилотни летала насочени кон Израел и неколку земји во регионот каде што има американски воени бази.
Исламистичкото движење Хезболах со седиште во Либан влезе во конфликтот на 2 март за да се одмазди за смртта на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, кој беше убиен во Техеран уште првиот ден од воените дејствија. Израел веднаш одговори со воздушни напади низ Либан и изврши копнена офанзива на југот на земјата.
Денешниот протест во Тел Авив започна во 17 часот, според средноевропско време. Но, по кратко време полицијата, која претходно одобри собир на до 150 луѓе, повикувајќи се на безбедносни мерки поради војната, ги потисна демонстрантите, од кои некои се вратија на местото на настанот. Дел, пак, седнаа на земја, одбивајќи да си заминат.

„Полицијата се обидува да ги замолчи нашите гласови, но наша должност е да бидеме тука. Тука сме за да побараме крај на војната со Иран, војната со Либан, војната во Газа што продолжува и да се прекинат масакрите на Западниот Брег“,
изјавил за АФП Алон-Ли Грин, ко-директор на „Стендинг тугедер“ (Standing Together), израелско-палестинската група што ги организирала демонстрациите.
Инаку, израелската војска денеска објави дека еден нејзин војник бил убиен во борбите во јужен Либан.
Со тоа бројот на израелски војници убиени во јужен Либан од 2 март се искачи на 11.
