Од Алијанса за Албанците обвинуваат дека новиот предлог-закон за високо образование не носи реформи, туку ја легализира нееднаквоста против Албанците. Од партијата на Таравари велат дека овој закон отвора пат за понатамошна дискриминација против албанските универзитети

Кога еден закон не го гарантира јасно албанскиот јазик во универзитетските документи и не гарантира еднакво финансирање, тогаш тоа не е закон за реформи. Тоа е закон за нееднаквост. Овој закон не само што не ги решава проблемите на сегашниот закон, туку создава и нови неправди. Албанските универзитети не се универзитети од втор ред. Албанските студенти не се граѓани од втор ред. Албанскиот јазик не е привилегија. Тоj е право. Не бараме ништо повеќе од еднаквост и правда. Еднаквост во јазикот. Дипломите на албански јазик мора да им бидат загарантирани на студентите на УКИМ, УГД и сите други универзитети, исто како што се загарантирани на унивезитетот во Тетово и на универзитетот „Мајка Тереза“.
рече на денешната прес-конференција Арбен Халили од Алијанса за Албанците.
Оттаму побараа овој предлог-закон веднаш да се повлече, оценувајќи го како институционален грабеж.
„Правда при вработувањето. Албанските универзитети продолжуваат да работат со сооднос од речиси 50:50 помеѓу редовниот и скратениот работен кадар. Стотици асистенти и десетици доктори на науки очекуваат вработување од 10, 12 или дури и повеќе години. Еднаквост во финансирањето. Во 2025 година, од 5 милиони евра за проекти, само 2,5% завршиле на албанските универзитети. Ова не е еднаквост. Ова е институционален грабеж. Актуелниот предлог-закон дури и во неговата најнова верзија од пред два дена, не менува ништо во реалноста на албанските универзитети. Затоа бараме овој закон веднаш да се повлече“,
додаваат од Алијанса за Албанците.
Тие исто апелираа до партиите на Албанците на власт и во опозиција, „албанската рака да не стане раката што гласа и ја легализира оваа неправда камуфлирана како закон“.
В понеделник законот ќе биде затворен и даден во владина постапка. Дотогаш, ресорната министерка Весна Јаневска рече дека секој сериозен приговор ќе биде разгледан и доколку има разумно образложение, ќе се направи измена.
