Двајцата пиромани на рочиштата одржани во Основниот суд во Охрид признаа вина и посочија кое лице вработено во Државното правобранителство им побарало „помош“. Сведочеа дека не добиле пари, туку помогнале од другарски побуди
Поранешниот државен правобранител на РСМ, а сега само правобранител за подрачјето на Охрид, се сомнева дека вистинските нарачатели се меѓу поранешни високи политички функционери, односно групации. Но, независно од можните нарачатели на пожарот кој се случи во период кога беше шеф на Државното правобранителство, тој за „360 степени“ тврди дека во институцијата постои самоволие и непрофесионализам меѓу дел од кадарот кој треба да ги штити интересите на државата
Пред околу две години во Охрид изгоре кафулето на тогашниот државен правобранител Агрон Речи. Деновиве, во охридскиот суд, беше изречена првостепената пресуда против пироманите. Не само што ја признаа вината, туку во сведочењата пред судот посочија дека тоа од нив го барал човек за кого проверките покажуваат дека работел токму во државното правобранителство. Оштетениот, Агрон Речи, смета дека вистинскиот нарачател имал друга висока државна функција. Паралелно со овој случај, ни носи и ретко слушнати детали за влошени меѓучовечки и меѓуколегијални односи во институцијата, во кои се вмешани и други јавно експонирани имиња и случаи.
10 март, 2024. Околу три и пол часот по полноќ, во Охрид гори кафулето на тогашниот шеф на државното правобранителство – Агрон Речи. Објектот е во градскиот пазар. Огнот зафати и деловни и станбени простории, во состав на зградата каде во тој момент живеат и престојуваат луѓе. Направена е голема материјална штета.
Две години подоцна, сторителите, не само што се фатени, туку се и осудени на казна затвор. Две момчиња признаа вина и се покајаа за стореното. Но, индикативен е исказот на првообинетиот, кој пред Судот експлицитно наведува кој го натерал да го запали објектот.
„Сакам да го кажам лицето кое нареди да го извршам ова кривично дело. Тоа е лицето Нурхан Локи кого на прекар го викаат Нуки… Се каам за тоа што го сторив и ветувам дека повеќе такви дејствија нема да преземам… Лицето Локи ми е другар, заедно работеле на едно место со оштетениот Агрон Речи. Два дена пред случајот се видовме во Бит пазар со Нурхан Локи и ми кажа дека имал проблеми со Агрон. Јас Агрон не го познавам ни тогаш и ми рече ќе одите да му направиме штета на Агрон, и тој требаше да доаѓа со нас, во последен момент се предомисли и на крај го викнав лицето Сабит Ислами, дојдовме во Охрид и го лоциравме локалот на Агрон Речи…“
Локацијата за кафулето и фотографија од „завршената работа“ биле споделени преку апликацијата „Снепчет“. Останата комуникацијата, тврдел тогаш обвинетиот, а сега и осуден, била лична.
„На средбите бев сам со Локи… За тоа што го сторивме од Локи не ни беше платено, дури со наши парични средства дојдовме, само за другарство тоа го направивме… Од кога го извршив делото заедно со Сабит Ислами јас повторно му пратив слика преку истата апликација од запалениот објект на Нурхан Локи. Поминати се две години и не се сеќавам ни на своето корисничко име, ниту пак на неговото. После настанот со Локи се видовме уште двапати и толку. Како што реков, ништо не ми беше платено…“
И второобвинетиот пред Судот призна вина, но кажа декa тој не се познавал со извесниот Локи.


Адвокатот на оштетениот Агрон Речи вели дека од процесот сепак останала нејаснотија.
„Остана нејасно кој е тој што дал налог да се преземе дејствие коешто е предмет на ова кривично дело“,
вели во изјава за „360 Степени“, Димитрија Цобоски.

Од Основното јавно обвинителство во Охрид велат дека имаат предвид што е кажано во текот на судската постапка за пожарот.
Врз основа на исказот, во тек се истражни дејствија на проверки и доколку за изнесените тврдења се обезбедат соодветни докази, ОЈО Охрид ќе преземе кривичен прогон.
Кафулето е обновено, а сопственикот Агрон Речи неколку месеци по пожарот си даде оставка од функцијата и се врати на работа во матичното правобранителство во Охрид. Тој, во посочениот нарачател, вели дека препознава свој поранешен колега.
Агрон Речи: Го познавам лично, вработен во Државното правобранителство.
360°: Еден е со тоа име и презиме?
Агрон Речи: Со такво име и презиме еден е вработен во Државно правобранителство и тоа во подрачје Скопје.
360°: Што мислите, зошто тој човек, ако евентуално е нарачателот, би имал намера да ви го запали објектот?
Агрон Речи: Па, како функционер, како државен правобранител на РСМ, целата моја функција откако почнав со работа беше во една лоша ситуација, да кажеме. Немаше ни ред, ни дисциплина од работниците никаква. Освен администрацијата, имаше проблеми и со државните правобранители. Во текот на моето вршење на функција како државен правобранител затекнав многу предмети што сметав дека се нестручно работени од државните правобранители.
360°: Имавте непријатели внатре во Правобранителството?
Агрон Речи: Внатре немав, ви кажав дека од дејствијата што ги преземав во ДП се гледаше дека на некој не му одговара такво работење.
360°: Сметате дека ако он е нарачателот дека ова го прави на лична основа или…?
Агрон Речи: Не би го кажал тоа. После овој настан, мислам дека би требало да има други нарачатели. Јас мислам дека тој можеби бил еден вид извршител на настанот, а не нарачател.
360°: На што го темелите ова?
Агрон Речи: Ова го темелам на мојата професионална работа како државен правобранител и дејствијата што ги преземав за интерес на државата.
360°: Ако евентуално тој е нарачателот, зошто извесен вработен во правобранителство би сакал да го запали вашиот кафич?
Агрон Речи: Па, јас мислам дека е „маша“ на некој друг. Од тие причини.
360°: На кој?
Агрон Речи: Не би можел да кажам на кого.

„360 степени“ стапи во контакт со посочениот Локи. Го прашавме, кој е неговиот коментар за исказот на првообвинетиот кој го спомнува како нарачател на пожарот и во какви релации бил со правобранителот Агрон Речи. Одговор не добивме.
Дали и со какви точно мотиви се нарачало палење на објект среде Охрид, одговорите ќе може да ги даде единствено Обвинителството, ако обезбеди доволно докази. Но, изјавите на Речи упатуваат на девастираност во работењето и во меѓучовечките односи во една важна државна институција.
СОСТОЈБИ ВО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВОТО
Агрон Речи беше шеф на Државното правобранителство од април 2023 до август 2024, или околу една и пол година. Вели, преземал крупни чекори додека бил на функцијата.
Агрон Речи: Eдинствен Државен правобранител, во тоа ДП откако е формирано, мислам дека сум прв што има разрешено двајца државни правобранители за нестручно работење.
360°: А, дали беа проблем само тие двајца?
Агрон Речи: Мислам дека не се само тие двајца, има и многу други бројни државни правобранители, меѓутоа оставам на органите да гледаат како се работи.
360°: Имате побарано разрешување за друг? Агрон Речи: Имам побарано, имам пуштено и предлог и известување до новата Влада, меѓутоа немам никаква информација дека е постапено по такво барање.
360°: За кого се работи, за што точно? Агрон Речи: Се работи за државниот правобранител Симона Зориќ. Мислам дека имам објаснето многу убаво и јасно во предлогот од кои причини го барам тој предлог, но оставам на Владата да одлучи.
Но, освен со дел од колегите, Речи вели дека не можел да најде заеднички јазик и со дел од тогашните високи функционери од извршната власт.
„Имавме некои недоразбирања во врска со работењето на Државното правобранителство. Бев замерен и со поединци и со политички структури“,
заклучува тој.
Мирко Велјановски и Јане Јанкуловски се двајца правобранители кои Владата ги разрешила на предлог на Агрон Речи во јануари 2024. Третиот негов предлог за разрешување, за правобранителката Симона Зориќ Ристова, нема епилог. Станува збор за сопруга на апелациониот судија Ѓоко Ристов кој сега е во куќен притвор, откако во домот на неговите родители беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра. Обвинителството кажа дека не може да тврди од кои случаи потекнуваат парите, но кажа и дека контурите на случајот почнале да се исцртуваат со апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа. Тој е осомничен дека примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје за укинување мерка притвор кај осомничен во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Симона Зориќ-Ристова и нејзинито поранешен шеф Агрон Речи биле во конфронтација за време на наговиот мандат, а тој ја отстранил и од позицијата заменик-правобранител. Во февруари 2024, Зориќ-Ристова доставила Информација до Влада со забелешки за неговото работење.
Агрон Речи е убеден дека тогашен функционер, на владината седница која се одржала на 12 март 2024, предложил точка за негово разрешувања. Но, тврди, предлогот бил отфрлен и не стигнал на дневниот ред. Дали и што било спомнато на таа владина седница треба да откријат стенограмските белешки, но за нив сè уште тече законскиот рок во кој Владата треба да ни ги достави.
На 3 мај 2024, Агрон Речи преку Државното правобранителство поднел предлог за поведување кривична постапка против колешката Зориќ Ристова. Ја обвинува дека со непреземање службени дејствија ја злоупотребила службената положба и нанела штета на буџетот. Предлогот е одбиен оти пријавеното дело не се гони по службена должност, вратиле од Обвинителство во октомври 2024, време кога Речи веќе е заминат од функцијата.
Во мај 2024, Агрон Речи барал разрешување на правобранителката и од тогашната влада предводена од Талат Џафери. Одговор не добил, но дојде нова Влада, па побарал одговор зошто не се постапува и од новиот премиер Христијан Мицкоски.
Во август 2024, Речи дава оставка од функција. Во неа тој го нотира молкот на Владата во врска со палењето на неговиот угостителски објект, но и молкот во врска со предлогот за разрешување на неговата колешка.
„За мене нејасно и крајно симптоматично е зошто членовите на Владата затаија во постапувањето, во ситуација кога има неспорни факти кои укажуваат на нестручно и несовесно вршење на функцијата, ако се има предвид дека државниот правобранител на кој се однесува предметот сторил штета на имотните интереси на Република Северна Македонија во износ од 3 милиони денари… Се поставува прашањето, дали личните, блиски релации на посочениот носител на јавна функција, со носители на јавни функции во судовите доведуваат до ваков исход“,
напишал Речи во оставката.

Зориќ Ристова е именувана за државен правобранител за подрачје Скопје во февруари 2019 г.. Во писмена изјава за „360 степени“, вели дека обвинувања на Агрон Речи кон неа се неосновани.
„За да се поднесе предлог за разрешување претходно потребно е да биде утврдено несовесно работење врз основа на факти, докази, аргументи, да е поведена постапка и истите да се дадени на произнесување на конкретниот државен правобранител. Во случајот што го споменувате пуштен е предлог со неколку реда – без образложение и утврдени факти и утврдена штета, чисто самоиницијативно од само за него познати причини за кој дознав од трети лица после пет месеци, а кое нешто претставува класична злоупотреба на службената положба и овластување на државниот правобранител на РСМ и кое е казниво согласно позитивните законски прописи, а истиот имал за цел од позиција на моќ да влева страв кај правобранителите кои совесно и чесно си ја вршат работата“,
вели таа.

Зориќ Ристова ја споменува и кривичната пријава против неа. Вели дека тезите оти направила штета на буџетот се невистини.
На ова решение, Државното правобранителство не вложи жалба, со што само се потврдува тенденциозноста и злоупотребата на неговата функција самоиницијативно да поднесува предлог за раззрешување.
Таа потврдува дека ја алармирала Владата за постапувања на Речи и дополнува дека тој ги нарушил меѓучовечките односи во Правобранителството.
„Од моја страна беше пуштена информација до Владата за злоупотребите сторени од негова страна и нарушување на меѓучовечките односи до краен степен, со подметувања, неовластено одземање на предмети, иземени на распореди секој месец од лукративни причини само за него познати, и истата беше и иницијална каписла за неговото заминување од државен правобранител на РСМ, а како што милува истиот да каже ‘оставка од лични причини’. Не ми е познато зошто ме тргнал од заменик-правобранител. Но, познавајќи ја неговата личност и карактер истиот воопшто не поднесува изградени, самостојни, со сопствено убедување и ставови личности, особено жени, а воедно, со авторитет во средината во која делуваат, а посакува да доминира и да се наметне и сите околу него да бидат послушни и понизни. Имајќи го предвид изборот на моја ‘наследничка’, која под притисок на јавноста по само три недели сама побара да ја смени од заменик-правобранител, само по себе говори и докажува зошто сум била сменета од заменик-правобранител“,
тврди таа.
Барем официјално, Владата досега не се изјаснила за дописите на Речи за Зориќ-Ристова, но и за дописите на Зориќ-Ристова за Речи. Од „Илинденска“ број 2, единствено потврдуваат дека има предлог за рaзрешување на правобранителката.
„Од страна на Комисијата за именувања сме информирани дека во наредниот период ќе ги согледа сите состојби поврзани со предметот, по што ќе постапи соодветно“,
велат од Владата за „360 Степени“.
