Во следниве три месеци конечно се очекува избор на фирма која ќе го гради регионалниот центар за управување со отпад во селото Мечкуевци, светиниколско. Системот, кој подразбира современ објект за третман на оптад, опфаќа и воспоставување мрежа на претоварни станици и други процеси кои ќе го решат проблемот со ѓубрето во Североисточниот и Источниот регон
Покрај Мечкуевци, планот кој со години го финансираат и помагаат Европската Унија и Швајацарија опфаќа изградба или модернизација на уште четири центри за управување со отпад со што би се покрила целата територија на земјата. По многу години планирање, за годинава е реалистично да се очекува тендер за изградба и на центарот кој ќе ги покрие Пелагонискиот и Југозападниот плански регион
Природата околу изворот Буково дала планини и чист воздух. А човекот – тој тука додал уште една планина – од ѓубре. Можеби не гореше како на почетокот на март, но и подоцна, кога ние бевме на терен, не мируваше отпадот наталожен во неколку слоеви, покрај патот меѓу Ресен и Охрид.

Огнот е изгаснат, но последиците се уште се чувствуваат. Депонијата со денови чади, а непристапниот терен го отежнува процесот на затрупување на отпадот. Ѓубрето се посипува со земја како единствени начин да се стави под контрола огнот кој тлее, објаснуваат вработените во јавното претпријатие задолжено за управување со отпадот.
„Ова ќе се рамни целово значи и горниот дел исто така ќе се рамни ќе се посипува“,
Просторот околу депонијата нема никаква ограда, па глутници кучиња и неформални собирачи на отпад влегуваат и излегуваат слободно. Така, во нестандардни услови, охридската депонија функционира речиси 50 години. Сепак, причините за палењето ретко се поврзуваат со човечки фактор.

„Во 99% од случаите доаѓа поради самозапалување, бидејќи знаете со депонирање на отпадот се создаваат метан и пропан гасови и коишто при мала температура и такви услови се самозапалуваат. Ова е малку потешко за гасење бидејќи не се класични пожари, бидејќи се работи за материјал како што е пластика и друг отпад од домаќинствата којшто повеќе чади отколку што гори. Најдобриот начин да се стопира ова коешто моментално го правиме и секој пат е со покривање на подебел слој на земја како што имавте и прилика да видите“,
вели Ванчо Костоски , одделение за управување со отпад, ЈП „Охридски комуналец“.
Од околината на Охрид и Дебрца годишно се собираат околу 28 илјади кубни метри отпад. Гасот што се создава, во развиените земји, ги прави депониите и извор на енергија.

Кај нас, депонијата само се шири, на сметка на животната средина. А предлог-решение веќе одамна има.
„Час поскоро да се направат регионалните депонии коишто ќе се по сите стандарди, бидејќи во Македонија воопшто нема, освен во Скопје,мислам дека ни таа не е стандардна депонија и најдобро решение само со регионални депонии коишто ќе ги задоволуваат сите еколошки услови и така ќе се надминат проблемите низ цела држава“,
вели Костоски.
На хартија, планот е ѓубрето од Охрид, Ресен и целиот Југозападен и Пелагонски плански регион, да се носи на територија на општина Новаци.
Таму, во коповите и насипите земја формирани од експлоатацијата на јаглен, треба да се изгради регионален центар за управување со отпад.

Новата регионална депонија треба да ја замени и постојната во Мегленци која се наоѓа на само неколку километри. Иако од помали размери и таа е во лоша состојба како и охридската. Купишта ѓубре ги загадуваат и воздухот и почвата.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, кој е и претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад вели дека состојбата со депониите е алармантна.
„Значи имаме нерегулирани, нестандардизирани ѓубришта, можеби повеќе од 200, коишто секојдневно се запалуваат и се причина за загадувањето на амбиенталниот воздух, како во Пелагонискиот така и во Југозападниот регион. Се надевам дека со овој чекор којшто ќе го направиме, е храбар чекор, бара сериозност, и мислам дека сите сериозно ќе пристапиме и пристапуваме, ќе го најдеме решението и ваквите нестандардизирани, нерегулирани ѓубришта ќе бидат оставени во минатото за брзо време“,
вели Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.

Стевановски вели дека има согласност од сите 18 општини во двата плански региона кои ќе треба да го депонираат отпадот во Новаци. Сите ја прифатиле и иницијативата за меѓуопштинско јавно претпријатие кое ќе управува со новата депонија, кое патем се уште не е основано. Се чека на Министерството за животна средина да го објави тендерот за изградба на центарот за управување со отпад.
„Во моментот нема никакви градежни активности на местото каде што ќе биде новата регионален центар за управување со отпад. Пред сè документацијата, планската документација ја изготвува Министерството за животна средина. Точно конкретно да ви кажам до каде се, не знам. Мислам дека се вршат истражувања на терен и дека за брзо време ќе ја имаме во текот на оваа година комплетно проектната документација. Паралелно се работи на изработка на проектната документација за патот којшто ќе води директно до регионалниот центар за управување со отпад. И мислам дека овие два процеси треба да се одвиваат паралелно и се надевам дека истовремено ќе биде изграден и патот и пуштена новата депонија, односно новиот центар за управен со отпад. Кога точно ќе биде, не можам да ви дадам точен одговор на тоа“,
додава Стевановски.
На ниво на целата држава, предвидени се пет регионални центри за управување со отпад – еден е веќе споменатиот, во Новаци, за Југозападниот и Пелагонискиот регион. Една депонија ќе има за Скопскиот, во рамки на сегашната Дрисла, една за Полошкиот регион во постоечката депонија Русино. Заеднички центар за управување со отпад ќе делат Вардарскиот со Југоисточниот во Струмица и Североисточниот со Источниот регион, кај светиниколското село Мечкуевци.

Проектот се реализира со европски пари, заем од Европската банка за обнова и развој како и средства од швајцарската влада. Се предвидува и изградба на претоварни станици во поголемите градови, од кои потоа отпадот ќе се носи во заедничката регионална депонија, која би имала можност и за рециклирање.
Од парите треба да се набави и механизација – камиони за собирање и транспорт на отпадот.
На почетокот од годинава во присуство на владини претставници беше промовирана дел од опремата во Новаци и во Русино. Тогаш министерот за животна средина се пофали дека…
„Конечно, ставаме крај на импровизациите и почнуваме трајно да го решаваме проблемот кој со децении ги мачи граѓаните на Тетово, Гостивар и на сите други општини во Полошкиот регион“,
рече Муамет Хоџа, министер за животна средина.

Но, освен фалби, на настанот имаше и дипломатски спакувани критики…
„Додека го прославуваме овој значаен момент, ни претстои уште поважна работа. За да може да се користат бенефитите од швајцарската инвестиција, мора да се преземат следните чекори“,
кажа Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија.
Од предвидените пет, во најнапредна фаза е регионалната депонија во светиниколско. Но, на терен и таму нема никакви градежни зафати. Беше објавен тендер за изградба на регионалниот центар, но пропадна. Во декември беше објавен нов тендер.
Локацијата каде што треба да се гради депонијата е во близина на селото Мечкуевци.

Покрај патот кон Пробиштип, кај местото викано Колиш. Селото е речиси напуштено. Затекнавме граѓани кои се иселени. Велат дека ретко се враќаат во родното место, а за депонијата не сакаа да зборуваат.
На темата не сакаше да зборува ниту градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, на кој во 2023г. му беа одземени ингеренциите за управување со отпад. Надлежностите се уште се кај Министерството за животна средина, а во телефонски разговор тој рече дека нема коментар.
Во меѓувреме, нестандардната светиниколска депонија продолжува да загадува.

Први на удар се земјоделците кои се наоѓаат во непосредна близина. Ниту тие не сакаат јавно да зборуваат, но не кријат дека им пречи и сегашната, но и планот за идната депонија.
„Има мирис, нормално, за пласман влијае кај мене“,
„Секој што ќе сака да купи вели блиску е до депонијаОд секогаш е тука депонијата за Свети Николе. A не и од другите општини што сакаат сега да прават во Мечкуевци. Таму тој крај беше малку почисто и тоа сакаат да го уништат“,
велат дел од земјоделците.
Освен регионалниот центар за управување со отпад во Мечкуевци, планот е да се изградат и шест регулирани претоварни станици за околните градови. Од Министерството за животна средина велат дека тендерот е во завршна фаза. Очекувањата се до крајот на годината да се потпише договор.
„Во моментов тече поднесувањето на понуди, се уште е отворено, а по поднесувањето на понудите ќе следи постапка на евалуација, па избор на компанија, нели, потпишување на договор со избраната компанија, па потоа ќе започнат градежните активности“,
вели Ана Каранфиловска Мазневска, раководител на Сектор за отпад во Министерство за животна средина.

Во однос на останатите локации за регионалните депонии, има напредок и во Русино и во Новаци, вели Мазневска Каранфиловска. Но, на ниту едно место, се уште нема услови за распишување тендер за изградба.
„Полошкиот плански регион системот е така конципиран да остане Русино како регионална депонија и ќе има една претоварна станица во Тетово. За изградбата на претоварната станица се подготвени документите и тие набргу ќе бидат тендерирани. Ќе се објави тендер за да се јави да се јават компании за градба. И за локацијата во Новаци којашто што ќе биде регионален центар за управување со отпад за пелагонискиот и до западниот регион, сме во фаза на подготовка на идеен проект. Таму ни недостасуваат уште некои анализи на терен, хидрологија и геологија. Треба да се направат посебни бушотини анализи да се заврши постапката за оцена на влијание врз животната средина. Меѓутоа до крајот на годината и таму очекуваме дека можеме да имаме документи за распишување на тендер за градба“,
додава Каранфиловска-Мазневска.
Вината што земјава се уште нема барем една современа депонија, која ќе селектира, рециклира, произведува електрична енергија од гасот од ѓубрето, не е само во долгите бирократски процедури.
На многу места и граѓаните, па и самите локални политички лидери немаа и немаат доверба дека центрите ќе се изградат онака како што се ветени. Министертсвото за животна средина правеше кампањи и обуки за образование на населението. Поради честите протести и негодување дека никој не сака нова депонија „во својот двор“, вклучени биле наставници, градоначалници, претпријатија и невладини организации. На преземените обврски за изградба регионални депонии, пак, редовно не потсетува Европската комисија во годишните извешати.

И додека траат обидите за спроведувањето на новиот систем од хартија во пракса, едно е сигурно. Постојните депонии, ако останат какви што се, нема да згаснат. Тие остануваат да функционираат според проверената и докажана формула – како „темпирани бомби“.
