Како повод за оставката ги наведува и настаните од изминатите денови кога Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет, додека државниот јавен обвинител донесе одлука да ѝ ги повлече овластувањата за застапување во клучни предмети кои се веќе во завршна фаза

Јавната обвинителка Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата. Ваквиот потег доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години.
Ристоска, во писмото, упатува критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.
Ристоска во својата изјава детално ги образложува мотивите за повлекувањето, нагласувајќи дека нејзината работа на предмети кои го таргетираат врвот на моќта ја направила мета.
„Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели – такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера“,
вели Ристоска.
Таа набројува низа опструкции што биле користени на различни нивоа, институционални и лични.
„Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети“,
додава Ристоска.
Без оглед на сè, вели Ристоска, сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.
Додава и дека сите тие напори сакала да ги заокружи од раководна позиција преку кандидатурата за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци.
Како повод за оставката ги наведува и настаните од изминатите денови кога Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет, додека државниот јавен обвинител донесе одлука да ѝ ги повлече овластувањата за застапување во клучни предмети кои се веќе во завршна фаза.
„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал“,
вели Ристоска.
Ристоска вели дека ваквите постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагала, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција.
„Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“,
додава таа во своето соопштение заблагодарувајќи им се на сите што ги препознале и ги поддржале нејзината посветеност и борба.
Скопската јавна обвинителка и поранешна обвинителка во СЈО, Ленче Ристоска, во јануари годинава поднесе известување до Советот на јавни обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Ристоска реагираше дека со ваквите изјави се врши притисок и се нарушува нејзината самостојност во јавнообвинителската работа. Наводите на премиерот таа ги оцени како навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
Советот на јавни обвинители на 30 март едногласно ја одби иницијативата на Ристоска едногласно заклучувајќи дека немало надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту, пак, дека е загрозен нејзиниот професионален интегритет.
Ден подоцна, на 31 март, државниот јавен обвинител Ненад Савески одлучи да ги повлече овластувањата што неговите претходници им ги дале на дел од обвинителите за да можат да работат на предмети од други обвинителства.
Со таа одлука на Савески, Ристоска остана без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице. Случајот против партијата е за нејзиното незаконско финансирање, а се бара и конфискација на партиското седиште.
Савески рече дека овој негов потег не е поврзан лично со Ристоска и дека нема политичка заднина, туку оти е во насока да се воведе ред и евиденција.
Вели дека одлуката е за сите предмети што се работеле со овластувања, зашто кога дошол, му биле дадени куп такви предмети во кои обвинители постапувале по предмети од обвинителство каде што не работат.
Инаку, Ристоска се најде во отворен судир со ВМРО-ДПМНЕ кон средината на октомври минатата година. Тогаш таа остро реагираше на соопштение на партијата насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ и почнуваше со „каков крај“, а се однесуваше на изјавата на Ристоска во врска со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Таа и тогаш ги оцени обвинувањата од владејачката партија како притисок врз нејзината работа и побара јавно извинување, а се закани и со тужба доколку ВМРО-ДПМНЕ ги повлече изнесените тврдења.
Соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Ристоска „ѕвезда на пропаднатото СЈО“ беше објавено по нејзината изјава дека не е случајно тоа што листата со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, на која беше и нејзиното име, е поништена. Таа реагираше и на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека платата на претставникот на земјава во Европравда била висока.
Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми.
