Германските власти донесоа одлука за повторен карантин на областа Гитерсло во сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија откако новиот коронавирус повторно се појави во една фабрика за месо.
Со карантинот, кој ќе биде во сила до 30 јуни, ќе бидат опфатени околу 360 000 луѓе.
Тоа е прво враќање на ригорозните мерки во Германија откако почна нивното постепено укинување во мај. Од денеска повторно ќе бидат затворени сите кафулиња, музеи, кина, како и вежбалници, а граѓаните ќе мора да ја почитуваат мерката за физичка дистанца.
Новото жариште на ковид-19 е во германскиот концерн „Тонис“, каде што се инфицирани над 1 100 луѓе. Сите работници ќе бидат во карантин, а ќе ги чува полицијата.
Директорот на германскиот Институт за јавно здравје денеска изјави дека на земјата ѝ се заканува втор бран на инфекција, притоа изразувајќи оптимизам дека тој ќе биде спречен.