Европската делегација ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сторителите на инцидентите во текот на изборниот процес
Делегацијата на Европската Унија во Србија соопшти дека внимателно ги следела локалните избори кои на 29 март се одржаа во десет српски општини и изрази загриженост во врска со извештаите за насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и медиумски работници.

Европската делегација ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сторителите на инцидентите.
„Жалиме за бројот на пријавени нерегуларности и инциденти за време на изборите, нееднаквите услови за сите учесници и со загриженост ги забележуваме извештаите за акти на насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и медиумски работници. Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат брзо и транспарентно решавање на овие прашања и да ги повикаат сторителите на одговорност“,
се наведува во соопштението на Делегацијата на ЕУ.
Потсетуваат дека должност на државата е да ги заштити граѓаните од насилство, да обезбеди соодветни услови за работа на граѓанските набљудувачи и да ја гарантира безбедноста на новинарите во контекст на изборите.
Оттаму ја поздравија високата излезеност на гласачите на изборите, како и фактот што властите го поканиле Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа да ги набљудува изборите.
Делегацијата на ЕУ во Србија дополнително нотира дека пред следниот изборен процес во земјата се потребни конкретни подобрувања и реформи во кои ќе бидат вклучени сите релевантни засегнати страни, со цел унапредување на работата за целосно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа.
„Ќе продолжиме внимателно да ги следиме случувањата во врска со изборните реформи, како и идните локални и национални избори, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е во самата срж на нејзиниот процес на пристапување кон Европската Унија“,
се додава во соопштението на европската делегација.
Локалните избори што се одржаа во десет општини во Србија на 29 март беа проследени со низа инциденти, тепачки, напади и обвинувања за нерегуларности.
