Ова денеска во своето сведочење на второто рочиште против тројца полицајци поврзани со случајот „Пулс“ го кажа сведокот на одбраната Ерхан Хаџиминтас
Инаку, обвинителниот предлог на денешното рочиште го застапуваше нова обвинителка од ОЈО ГОКК, Спасенка Андонова, откако на Алексова-Трајчева Советот на јавни обвинители на седницата минатата недела не ѝ го продолжи мандатот како обвинителката во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Кочанската полиција во 2023 година во т.н. кабаре „Пулс“ извршила две контроли во кои биле затекнати малолетници, а при нивното постапување наишле на отпор и одбивен однос од сопственикот на угостителскиот објект, Дејан Јованов-Деко.

Ова денеска во своето сведочење на второто рочиште против тројца полицајци поврзани со случајот „Пулс“ го кажа сведокот на одбраната Ерхан Хаџиминтас.
Тој кажа дека е вработен во кочанската полиција од 2003 година. Во 2023 г., рече дека, како што се сеќава, во „Пулс“ биле извршени две контроли, едната во април и другата кон крајот на годината.
Сведочење за контролите во „Пулс“
За време на втората контрола, одговорен за нејзиното спроведување бил Горан Лазаров, кој е еден од тројцата обвинети во предметот.
Прашан дали имало нешто констатирано при контролата, сведокот рече дека биле затекнати две малолетнички.
Кажа дека им ги зел личните карти и ги предал на Лазаров.
„И претходно во април најдовме малолетници и тогаш исто реагираше, односно не соработуваше. Личните карти му ги предадов на Горан во билетарата внатре во објектот, каде беше канцеларијата. Тогаш одговорниот (Горан Лазаров н.з.) побара документи за фирмата, меѓутоа сопственикот не соработуваше, не ни даде. На некој начин беше одбивен кон нас и излеговме надвор. Надвор се изготвија документи и ги предадовме малолетничките на родителите. Друго не знам“,
рече сведокот.
Одговарајќи на прашање на друг бранител на обвинетите за тоа дали имало конверзација вечерта околу тоа кое правно лице стопанисува со т.н. кабаре, сведокот кажа дека немало таква конверзација.
Околу тоа која е постапката за составување записник при пронаоѓање малолетници во угостителски објект, полицискиот службеник Хаџиминтас рече оти тој е обичен полицаец и неговата задача била да најде малолетници во објектот, додека изготвувањето на документацијата не е негова работа.
Сведокот вкрстено беше испрашан и од обвинителката Спасенка Андонова. Таа го праша дали при контролата сопственикот им пристапил на полицајците, на што Хаџиминтас кажа дека него го затекнал во билетарницата кога ги предавал личните карти на малолетниците.
Таму, како што кажа, биле Дејан Јованов-Деко и неговиот син. Одговарајќи на дополнително прашање на обвинителката дали Горан Лазаров како одговорен за акциската контрола побарал од сопственикот документи дека тој е сопственик на „Пулс“, сведокот рече дека побарал, но оти Јованов одбивал да соработува.

Претходно сведокот рече дека Јованов не му е познат како одговорно лице на угостителскиот објект и не го легитимирале при контролите, оти во градот Кочани сите го знаат како сопственик на „Пулс“ и на кафулето „Класик“.
По него сведочеше Борче Иванов, кој во Министерството за внатрешни работи (МВР) е вработен како главен советник во Комисијата за прекршоци. Давајќи кратко резиме за својата кариера во МВР, рече дека таму е вработен од 2000 година, каде што почнал како обичен полицаец, а потоа бил помлад инспектор, инспектор, виш инспектор, самостоен инспектор, потоа началник на надворешна канцеларија за криминалистички работи, а сега е на функцијата што ја наведе претходно – главен советник во Комисијата за прекршоци.
Одговарајќи на директни прашања на одбраната тој даде појаснување во однос на изготвувањето на акциските планови и нивните анекси и за постапката при составување на записниците по извршена контрола и поднесувањата на барањата доколку биде утврден прекршок.
Во таа насока нему му беа дадени два документи за извршени контроли во „Пулс“ на кои стои неговиот потпис, како изготвувач.
Записници за прекршоци на неактивни фирми
Тој наведе дека документите опфаќаат решение за работа, решение за отпочнување со работа, односно за тековна состојба што ги содржи потребните податоци за правното и за одговорното лице.
Прашан дали ова се однесува и на лиценцата за работа, Иванов одговори одречно, додавајќи дека за лиценцата за работа полицијата не врши контрола оти не е во нејзината надлежност.
Доколку на местото на контролата на полицијата не ѝ биде даден увид во тековната состојба, како што бил при двете контроли во „Пулс“ за кои стана збор на денешното рочиште, сведокот наведе дека податоците се преземаат од Централниот регистар.
„Ако не биде дадена на увид, податоци се бараат од Централен регистар, односно секако се побаруваат од Централниот регистар и врз основа на податоци се составува записникот за констатиран прекршок и барањето за поведување на прекршочна постапка“,
рече Иванов.
Во записникот, рече, се наведува кој објект бил предмет на акциска контрола, кои лица биле затекнати, местото и датумот, како и кој ја извршил контролата и дали е констатиран прекршок.
Во однос на објектот, сведокот рече дека се наведува неговиот назив.
Потврден беше неговиот одговор на прашањето дали полицијата изготвува записници за констатиран прекршок во неактивни правни субјекти.
Постапка, како што рече, не се поведува во случај кога правното лице не постои или во случај одговорното лице да е починато, додека во случај тоа да е неактивно полицијата си постапува врз основа на документите што ќе ги добие од Централниот регистар.
Адвокатот на одбраната, Роберт Марков, како што констатира судот на денешното рочиште, предложил писмени докази, односно документи што ги побарале од Централниот регистар ОВР Кочани и СВР Штип, но до ден-денешен не ги добиле.
Имено, за прекршоците што ги констатирале полицајците во 2023 година, кочанскиот суд дури неодамна изрекол пресуди, но судот не ги доставил пресудите до одбраната, па Кривичниот суд сега ќе ги бара да ги достави како докази во постапката.

Инаку, покрај Горан Лазаров на обвинителна клупа за овој предмет, кој е еден од трите поднесени против полицајци во врска со „Пулс“, се и неговите колеги Кире Богатинов и Александар Темелков.
Тие на претходното рочиште се изјаснија дека не чувствуваат вина за кривичните дела што им се ставаат на товар.
Тројцата се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи како службени лица при изготвување записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки.
Имено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги товари дека наместо на име на активниот субјект „Пулс“, каде што биле констатирани прекршоците, тие пишувале прекршочни пријави на фирмата „Класик“, која не е активна.
„Дејствијата на третиот обвинет коишто се повторува во двата настани, е тоа што кога се доставуваат барањата за поведување прекршочна постапка мора тој како одговорно лице да ги потпише. Но, самите барања не се поднесуваат ‘голи’, туку имаат пропратна документација, вклучувајќи ја за едниот настан и тековната состојба во Централниот регистар. Тоа значи дека истиот имал увид да види дали тоа правно лице било активно или не, и дали било тоа одговорно лице коешто било наведено во записниците или не. Иако податоците не биле точни, тој сепак ги потпишал таквите барања, кои се поднесени до судот, каде постапката по истите е сè уште во тек“,
наведе обвинителката Ивана Алексова-Трајчева на првото рочиште кое се одржа на 3 март.
Нова обвинителка
Инаку, обвинителниот предлог на денешното рочиште го застапуваше нова обвинителка од ОЈО ГОКК, Спасенка Андонова, откако на Алексова-Трајчева Советот на јавни обвинители на седницата минатата недела не ѝ го продолжи мандатот како обвинителка во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Оваа одлука на Советот предизвика реакции кај родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“, кои на „Маршот за ангелите“ во саботата ја изразија својата загриженост дека промената на обвинителот носи ризик од дополнителни одложувања и нарушување на континуитетот на постапката.
Од Јавното обвинителство викендот преку писмено соопштение рекоа дека се преземени сите чекори за да се овозможи ефикасно и непречено водење на сите тековни постапки и оти ниту еден процес што е веќе започнат нема да претрпи неоправдано одолговлекување или, пак, усложнување, додека, пак, во судница ќе има јавен обвинител што ќе е подготвен да го застапува обвинението.
Од Обвинителството побараа од новинарите „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните организации „да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање“. Оваа соопштение наиде на реакција од Здружението на новинарите на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), од каде што рекоа дека „повикот за воздржаност од Обвинителството може да се протолкува негативно“.
