Смета дека доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала изјавата
Одлуката на Советот на јавни обвинители испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ, се вели во денешната реакција на јавната обвинителка Ленче Ристоска. Ова следува откако Советот на јавни обвинители едногласно ја одби претставката на јавната обвинителка Ленче Ристоска во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и заклучи дека немало надворешно влијание врз нејзината работа и професионален интегритет.

„Со оваа претставка сакав да го тестирам новиот механизам на Советот, кој, за жал, се покажа како формален, а не како суштински“,
вели таа.
Со одлуката, како што вели обвинителката, Советот практично остава простор јавни прозивки од обвинители лица или нивни законски застапници, штетни за интегритетот и самостојноста на обвинителите да останат без институционална реакција.
„Навистина не ми е јасно како квалификации како ‘медиокритет со политичка матрица’ не се конкретизирани и не се препознаваат како напад врз интегритетот и самостојноста на обвинител, кој по дефиниција треба да биде професионален и непристрасен“,
се вели во реакцијата на обвинителката.
За Ристоска, како што вели, е сосема јасно оти изјавата на премиерот се однесува на неа.
Смета оти доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала изјавата.
Дополнително, како што појаснува таа, целосно е занемарен и контекстот во кој е дадена изјавата, а кој објективно упатува на притисок врз нејзината работа и професионален интегритет.
Предметите во кои се засегнати интересите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, според Ристоска, се единствените предмети кои таа како обвинител ги застапува на суд, а изјавата додава дека доаѓа од претседателот на Владата, кој како законски застапник на обвинетата политичка партија има директен процесен интерес од исходот на овие постапки.
Советот на јавни обвинители едногласно ја одби иницијативата на Ристоска во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кои таа ги оцени за притисоци со кои се нарушува нејзината самостојност во јавнообвинителската работа.
Во претставката, Ристоска навела дека нападите кон неа се од структури на ВМРО-ДПМНЕ, а како пример навела изјави на премиерот и објави на веб-страницата на партијата.
Постапувајќи по известувањето што Ристоска го достави до Советот на јавни обвинители во јануари годинава, обвинителскиот совет на денешната седница едногласно заклучи дека немало надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту, пак, дека е загрозен нејзиниот професионален интегритет.
Скопската јавна обвинителка и поранешна обвинителка во СЈО, Ленче Ристоска, во јануари годинава поднесе известување до Советот на јавни обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Ристоска реагира дека со ваквите изјави се врши притисок и се нарушува нејзината самостојност во јавнообивинителската работа.
Наводите на премиерот таа ги оцени како навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
