Скопското обвинителство неодамна поднесе обвинение против Јовановски според кое тој се товари за три кривични дела – телесна повреда, односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство
Во Основниот кривичен суд Скопје за денеска е закажан почетокот на судењето против Стојанче Јовановски – сопругот на Ивана од Скопје која на 2 март годинава почина по пад од балкон заедно со нивната малолетна ќерка.

Основното јавно обвинителство Скопје неодамна поднесе обвинение против Јовановски според кое тој се товари за три кривични дела – телесна повреда, односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Според обезбедените докази на Обвинителството, обвинетиот подолг период нечовечки се однесувал кон својата сопруга која била во фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост кон него. Поради таквото однесување, таа на 2 март извршила самоубиство кое, според ОЈО Скопје, може да се припише на небрежност на обвинетиот.
Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски.
