Од Обвинителството велат дека ги штитат човековите права и слободи и со тоа создаваат услови за нивно непречено остварување

Јавното обвинителство ја прифаќа и ја поздравува реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), велат оттаму и додаваат дека ги почитуваат Европската конвенција и Уставот кои гарантираат објективно информирање на јавноста.
„Обвинителството во целост се залага за почитување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права и членот 16 од Уставот, кои ја гарантираат слободата на изразување и на објективно информирање на јавноста. Обвинителството ги штити човековите права и слободи и со тоа создава услови за нивно непречено остварување“,
велат во попладневното соопштение од Обвинителството.
Одговорот следува по реакцијата на ЗНМ и ССНМ на денешното соопштение на Јавното обвинителство, во кое од новинарите се бара „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните организации се очекува „да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање“.
Од Обвинителството реагираа откако во јавноста се отворија легитимни прашања по неизборот на обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да се одрази врз текот и времетраењето на постапката.
Од ЗНМ и ССНМ рекоа дека наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста.
Велат дека тоа може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува.
Од Јавното обвинителство велат дека се преземени сите чекори за да се овозможи ефикасно и непречено водење на сите тековни постапки и оти ниту еден процес што е веќе започнат нема да претрпи неоправдано одолговлекување или, пак, усложнување, додека пак во судница ќе има јавен обвинител што ќе е подготвен да го застапува обвинението.
Родителите на жртвите од „Пулс“ побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева на случаите поврзани со трагедијата во Кочани откако не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
