Во интервју за Радио Слободна Европа, францускиот амбасадор во земјава рече оти актуелниот геополитички момент за проширување на ЕУ мора да се искористи сега и порача дека е потребен фокус на суштинските реформи и обновување на довербата со Бугарија, притоа нагласи дека отворањето на преговорите зависи исклучиво од усвојувањето на амандманите
Актуелниот геополитички момент е исклучително поволен за проширување на Европската Унија, но оваа историска можност мора да се искористи веднаш бидејќи светот брзо се менува, вели францускиот амбасадор во земјава, Кристоф ле Риголер, во интервју за Радио Слободна Европа оценувајќи ја подготвеноста на Македонија за отпочнување на преговорите.
Според него, централна етапа за отворање на првиот и најважен кластер наречен „Фундаментални вредности“ е отворање на уставните измени, точно како што е предвидено во Преговарачката рамка, а кога станува збор за односите со Бугарија, тој прави дистинкција меѓу европскиот процес и билатералните прашања. Ле Риголер порача дека евроинтегративниот пат на земјава неминовно минува низ усвојувањето на уставните амандмани, а дијалогот меѓу Скопје и Софија, како што кажа, не треба да служи за повторно преговарање на европскиот компромис од 2022 година, туку исклучиво за враќање на изгубената доверба.
„Забележувате дека често има одредени теми коишто ги иритираат билатералните односи и некако често како да ја уништуваат динамиката којашто почнува да се воспоставува и тоа се работи кон кои треба да бидеме претпазливи. Од двете страни забележуваме дека властите се обидуваат да ги смират работите кога се случуваат инциденти или се даваат одредени изјави, но никогаш работата не е толку едноставна и не го охрабрува на секојдневна основа обновувањето на односите“,
рече тој.
Тој вели оти Франција и другите земји членки се подготвени да помогнат во излегувањето од ќор-сокакот, но само доколку се воспостави доверба меѓу двете држави преку конкретна соработка, притоа посочувајќи го проектот за тунелот на Коридорот 8 како добар пример.
Одговарајќи на континуираните барања на македонската влада за дополнителни гаранции од Брисел, Ле Риголер објасни дека поради сложениот процес на одлучување во Унијата, кој бара едногласност од сите земји членки, такво нешто е невозможно, па затоа вели, наместо невозможни гаранции, потребен е концептот на предвидливост кој веќе го нуди постојната преговарачка рамка.
Амбасадорот оценува дека актуелната влада има широко мнозинство во Собранието и оти релативно лесно би можела да ги спроведе уставните амандмани бидејќи со тој потег државата конечно ќе излезе од сегашниот застој и ќе наметне нова, позитивна динамика на својот евроинтегративен пат, со што и односот на Унијата кон земјава би се подигнал на повисоко ниво.
„Сметаме дека лесно би се спровеле уставните амандмани и нашиот влог е следниот. Усвојувајќи ги уставните измени, Северна Македонија ќе воспостави динамика. Динамика на својот сопствен пат. Уставните амандмани ќе бидат усвоени за реформите и ќе се напредува многу и легитимно може да сметаме дека неопходните документи за отварање на кластерот еден се подготвени и спремни за усвојување и ќе се отпочне нова реална динамика. Денес сме во динамика којашто не постои, затоа што процесот е запрен и би сакале процесот повторно да отпочне. А кога ќе отпочне тогаш динамиката и односите во рамки на ЕУ ќе бидат поразлични“,
дециден е тој.
Осврнувајќи се на Реформската агенда и забележаните доцнења во клучните сектори, амбасадорот посочи дека планот е амбициозен и бара силна политичка волја и вели дека иако се забележува волја кај премиерот и министрите, тој предупреди дека реформите не смеат да останат само на хартија, туку мора да имаат директно влијание во праксата, особено во судството.
„Имаме неколку алатки на располагање и тројца меѓународни технички експерти коишто работат во Министерството за европски прашања, Министерството за животна средина и Министерството за правда и веќе имате една идеја за темите и приоритетите на нашата активност и соработка. Исто така сме вклучени во реформа на јавната администрација, затоа што минатата година потпишавме со Министерството за јавна администрација договор за соработка и работиме за подготовка на новата академија за администрација во Северна Македонија“,
рече францускиот амбасадор.
