Низ сите 50 сојузни држави се одржаа над 3 000 масовни собири како револт против војната во Иран, строгите миграциски мерки и авторитарните тенденции на актуелното раководство на САД
Американските граѓани викендов масовно излегоа на улиците низ целата земја за да изразат револт против политиките на претседателот Доналд Трамп и неговата администрација. Според информациите на организаторите што ги пренесува агенцијата ДПА, биле планирани повеќе од 3 000 настани под мотото „Без кралеви“ во сите 50 сојузни држави, со очекувана бројка од околу девет милиони демонстранти на национално ниво.

Десетици илјади луѓе се собраа на митингот во Вашингтон предупредувајќи на, како што велат, фашистички елементи во Белата куќа, а демонстрантите поставија картонска фигура од заменик-началникот на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, со натпис „Адолф“ околу вратот. Широкото движење на граѓански организации ја обвинува администрацијата за непочитување на владеењето на правото и за акумулирање моќ што не му прилега на претседател на демократска држава, туку потсетува на диктатура.

Централниот и најмасовен митинг, на кој се појавија околу 100 000 луѓе, се одржа во Сент Пол, Минесота. Оваа сојузна држава стана главно жариште на незадоволството по неодамнешната контроверзна акција на Службата за имиграција (ИЦЕ), во која федерални агенти застрелаа две лица. Поддршка на овој собир дадоа и голем број познати личности од јавниот и политичкиот живот, меѓу кои музичарите Брус Спрингстин и Џоан Баез, актерката Џејн Фонда и сенаторот Берни Сандерс. Масовните протести „Без кралеви“ инаку првпат почнаа да се организираат минатата година, по враќањето на Доналд Трамп во претседателската фотелја.

Американската администрација се обиде да го минимизира значењето на овие масовни собири откако пред почетокот на протестите портпаролката на Белата куќа ги осуди настаните квалификувајќи ги како собири на мала група поддржана од левичарски мрежи кои немаат вистинска поддршка кај пошироката јавност. Во меѓувреме, бранот на незадоволство се прелеа и надвор од границите на САД бидејќи протести за поддршка се одржаа во повеќе европски градови, особено во Германија, каде што граѓаните маршираа низ Берлин, Хамбург, Минхен и Франкфурт.
