Предметите на кои работела обвинителката Трајчева поврзани со трагедијата во Кочани, кои се однесуваат на полициските службеници ќе бидат итно доделени на друг обвинител, откако не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
По паузата поради одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, родителите на починатите денеска повторно излегоа на улиците на Кочани, каде на триесет и деветиот по ред протестен марш уште еднаш побараа правда за нивните деца, изразувајќи сериозен револт од последните случувања во истражните и судските институции.

Главната загриженост на семејствата претставува одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева во чија надлежност беа предметите против обвинетите полицајци за кочанската трагедија. Според родителите, преминувањето на предметот кај нов обвинител кој ќе мора од почеток да се запознава со случајот и со обемните докази, носи огромен ризик од дополнителни одложувања и нарушување на континуитетот на постапката.
„Трајчева работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување од предметот не е во корист на постапката. Советот на јавни обвинители се повикување на правична застапеност за одредени членови на кои им го продолжува мандатот, додека на обвинителката Трајчева ѝ се ускратува да продолжи со предметот, кој сама го водеше. Затоа, јасно и гласно бараме – обвинителката да биде вратена на случајот“,
рече Александар Наунов, претседател на здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани“
Инаку, трите предмети кои се однесуваат за полициските службеници, поврзани со трагедијата во Кочани нема да стагнираат туку итно ќе бидат доделени на друг обвинител кој треба да ја продолжи работата на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, откако на вчерашната седница на Советот на јавни обивнители, на Трајчева не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Алексова Трајчева, во изјава за Телевизија Телма не сакаше да ја коментира вчерашната одлука на Советот.
На денешниот марш, семејствата на загинатите обвинија оти институциите со месеци ги игнорираат нивните барања да дознаат дали при обдукцијата на телата на нивните деца биле направени хемиски анализи за присуство на цијанид. Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан, појасни дека пред повеќе од два месеци испратиле допис до Хемискиот факултет, од каде биле упатени кон Судска медицина, а оттаму наишле на целосен молк за ова прашање.
Тасева нагласи дека молкот не е резултат на административно доцнење, туку на свесно игнорирање и потсети дека постојат сериозни наводи оти при пожарот се ослободувал цијанид, порачувајќи во името на сите родители дека доколку тоа се покаже како точно, прашањето повеќе нема да биде дали некој згрешил, туку кој кривично ќе одговара за тоа.
