Ваквиот сплет на настани доаѓа откако на вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, на обвинителката Ивана Алексова Трајчева не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Трите предмети кои се однесуваат за полициските службеници, поврзани со трагедијата во Кочани нема да стагнираат туку итно ќе бидат доделени на друг обвинител кој треба да ја продолжи работата на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, откако на вчерашната седница на Советот на јавни обивнители, на Трајчева не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Алексова Трајчева, во изјава за Телевизија Телма не сакаше да ја коментира вчерашната одлука на Советот.
„Не можам да коментирам одлука за која што не сум слушнала образложение зошто е донесена. Со оглед на така донесената одлука, не гледам зошто би ми биле оставени овие предмети мене“,
вели таа во одговор за Телма.
На вчерашната седница на Советот на јавни обвинители беше донесена одлука за избор на четворица јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитриовска, кои доаѓаат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, и Енѓелуше Кадриу-Леши, кандидат од немнозинските заедници, на која ова ќе ѝ биде трет мандат во ОЈО ГОКК.
Ивана Трајчева, која го водеше предметот против полицајците обвинети за трагедијата во Кочани, не ја доби поддршката од Советот на јавни обвинители.
