Откако европските лидери, предводени од германскиот канцелар Фридрих Мерц, одбија да испратат воени бродови за деблокада на Ормускиот Теснец, американскиот претседател Доналд Трамп возврати со остри критики, доведувајќи ја во прашање дури и натамошната американска поддршка за НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики до германскиот канцелар Фридрих Мерц и другите европски сојузници откако тие одбија воено да се вклучат во обезбедувањето на Ормускиот Теснец. Синоќа, за време на говорот на инвестицискиот форум во Мајами, Флорида, Трамп најпрво ги нападна сојузниците во НАТО, по што конкретно се осврна на изјавите од Берлин.

Како што пренесува агенцијата ДПА, тој ја прекорил Германија за недостигот на поддршка за Вашингтон, посочувајќи на двојни стандарди во меѓународната политика.
„Фридрих, канцеларот на Германија, рече: ’Ова не е наша војна‘. Во Украина не е наша војна, но ние им помагаме на Украинците“,
изјави Трамп.
Реториката помеѓу Вашингтон и Берлин се заостри во последните денови откако ескалираше конфликтот на Блискиот Исток, која резултираше со иранска блокада на Ормускиот Теснец, кој претставува клучен поморски пат низ кој минува една петтина од светската трговија со нафта и гас, што, пак, доведе до енормно покачување на цените на нафтените деривати на светските берзи.
Германскиот канцелар Мерц, како и лидерите на Велика Британија и Франција, претходно порачаа дека немаат намера да бидат вовлечени во поширок конфликт кој не го започнале. Официјален Берлин децидно изјави дека војната со Иран нема никаква врска со НАТО и дека мандатот на Алијансата е исклучиво одбранбен.
Трамп пред само неколку дена рече дека е несоодветно високи германски претставници да велат дека војната не е нивна, обвинувајќи ги европските партнери кои се корисници на теснецот дека не сакаат да преземат одговорност.
На форумот во Мајами, американскиот шеф на државата отиде чекор подалеку, отворајќи го прашањето за натамошниот опстанок на западната воена алијанса, нагласувајќи дека САД веќе не се должни да го поддржуваат НАТО доколку сојузниците не возвратат кога тоа е потребно.
„Секогаш бевме покрај нив, но сега, со оглед на нивните постапки, претпоставувам дека тоа веќе не е потребно, нели?“,
рече американскиот претседател.
