Претходно американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека САД можат да ги постигнат своите цели во Иран без употреба на копнени сили и дека очекува воената операцијата да биде завршена во рок од неколку недели, и покрај неодамнешното распоредување на дополнителни трупи во регионот
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во петокот изјави дека се надева оти оваа недела ќе се одржат средби меѓу Иран и САД за да се стави крај на војната на Блискиот Исток, пренесоа светските медиуми.

„Веруваме дека ќе има средби оваа недела, навистина се надеваме. Имаме план од 15 точки на маса. Чекаме Иранците да одговорат. Тоа би можело да реши сè“,
рече Виткоф одговарајќи на прашање за разговорите со Техеран за време на економскиот форум во Мајами.
Претходно американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека САД можат да ги постигнат своите цели во Иран без употреба на копнени сили и дека очекува воената операцијата да биде завршена во рок од неколку недели, и покрај неодамнешното распоредување на дополнителни трупи во регионот.
Рубио ова го кажа во изјава за медиумите пред да се врати во САД по состанокот со министрите за надворешни работи од групата Г7 што се одржа во Франција, а на кој тема беше конфликтот на САД и Израел со Иран.
Тој нагласи дека САД ги постигнуваат своите воени цели, кои, според него, вклучуваат уништување на ракетните системи и беспилотните летала на Иран и фабриките за производство на ова оружје, како и морнарица и воздухопловни сили на земјата. Во таа насока, Рубио додаде дека очекува операцијата да биде завршена за неколку недели, а не за неколку месеци.
„Ние сме пред планот што се однесува за повеќето од нашите цели и можеме да ги постигнеме без никакви копнени трупи, без никакви“,
рече американскиот државен секретар.
Според него, неодамнешното распоредување на илјадници дополнителни војници во регионот имало за цел да му даде на претседателот Доналд Трамп опции за одговор на непредвидени ситуации во конфликтот, но одби да даде оперативни детали.
„Што се однесува до причините за распоредувањето, пред сè, претседателот мора да биде подготвен за повеќекратни непредвидени ситуации. Ние секогаш ќе бидеме подготвени да му дадеме на претседателот максимален избор и можност да се прилагоди на непредвидени околности, доколку се појават“,
рече тој.
Рубио, исто така, кажа дека Иран би можел да одлучи да воведе систем на патарини за премин низ Ормускиот теснец, инсистирајќи дека европските и азиските земји кои имаат корист од трговијата преку овој воден пат треба да придонесат во напорите за обезбедување слободен премин по завршувањето на конфликтот.
Американскиот државен секретар потврди и дека САД не ја исклучуваат можноста за пренасочување на пратките со оружје наменети за Украина за свои потреби во војната против Иран и го минимизираше влијанието на Русија во конфликтот на Блискиот Исток, објави АФП.
„Сè уште ништо не е пренасочено, но може да се случи. Ако ни треба нешто за Америка, а тоа да е американско, ќе го задржиме првенствено за нас“,
кажа тој.

Во меѓувреме продолжуваат воздушните напади врз цели во Иран.
Повеќе од 20 цивили биле убиени во напади врз станбени области во иранската престолнина Техеран, како и во курдската покраина Керманшах, велат медиумските извештаи.
Во Техеран, 10 жители на станбен комплекс во областа Шахр-е Реј биле убиени во ракетен напад, објави државната новинска агенција ИРНА во петокот, повикувајќи се на портпарол на противпожарната служба, додека 13 лица од кои две деца биле убиени во напад врз повеќе од 10 станбени единици во западниот град Керманшах.
Во петокот, две челичарници, исто така, биле нападнати во Исфахан, во централен Иран, и во градот Ахваз во југозападниот дел од земјата. Според извештаите, во двете фабрики биле оштетени делови од системите за напојување со електрична енергија и работилница, а има наводи за едно убиено и две повредени лица во Исфахан.
