Во однос на цените на основните прехранбени производи, Мицкоски информираше дека 30 тима на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се постојано на терен за да спречат непазарно однесување

Владата внимателно ја следи состојбата на светските берзи и е подготвена за нов бран интервенции доколку цените на нафтените деривати продолжат да растат по истекот на тековната мерка за намалено ДДВ. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски при пуштањето во употреба на новата трафостаница „ТС Централна“ во Скопје.
Премиерот потсети дека во моментов е во сила мерка како во ниедна држава во Европа – директно од буџетот намалување на ДДВ-то за нафтата од 18 на 10 отсто.
Доколку продолжи растот на цената на нафтата на светските берзи по завршувањето на оваа двонеделна мерка, Мицкоски рече оти Владата планира намалување на акцизите на горивата и маржата, односно цената на складирање и транспортните трошоци.
„Ќе ја следиме и понатаму состојбата и врз основа на тоа во периодот што следува ќе интервенираме“,
нагласи Мицкоски.
Во однос на цените на основните прехранбени производи, Мицкоски информираше дека 30 тима на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се постојано на терен за да спречат непазарно однесување.
Инспекторите ги анализираат сите влезни трошоци на трговците за да утврдат дали поскапувањата се оправдани.
Премиерот ги отфрли обвинувањата на опозицијата за селективни контроли и порача дека Владата ќе дејствува секаде каде што ќе се забележи постои непазарно однесување.
Коментирајќи ги најновите податоци на Државниот завод за статистика за растот на платите во јануари, премиерот истакна дека иако трендот е позитивен, тоа не е доволно за идеален животен стандард.
„Апсолутно секогаш радува податокот кога продолжува трендот на раст на платата, вклучително и во месец јануари, она што го кажа и го објави Статистика. Дали е тоа доволно, не. Секогаш треба повеќе и ќе се трудиме како Влада да имаме што помали трошоци за живот, односно инфлација, а што повисоки примања кај вработените. Тоа претставува наша цел како Влада и прв приоритет. И така се однесувавме до сега, така и ќе се однесуваме во иднина“,
изјави тој.
