Собраниската комисија за избори и именувања конечно избра предлог за шеф на државната институција која треба да го гарантира пристапот до информации од јавен карактер. Станува збор за Петар Гајдов, државен советник за правни работи кој веќе петта година работи во Агенцијата за слободен пристап до инфромации од јавен карактер (АСПИ). Предлогот допрва треба да се разгледува на пленарна седница
АСПИ е без директор три месеци, откако на 25 декември истече мандатот на Пламенка Бојчева. Таа вели дека потпишала решенија со кои овластила дел од вработените да можат да вршат плаќања, да постапуваат по предмети и друго, но дека вработените на кои им ги дала тие овластувања решиле да не постапуваат по нив. Па, институцијата ниту работи по жалби, ниту вработените примаат плата, а не работи и интернет страницата на институцијата
Транспарентноста е ветување на секоја, па и на актуелната влада.
„Транспарентноста не е еднонасочен процес. Ние, како Влада, сме подготвени да работиме отворено и одговорно. Но, и сите вие, сте клучниот дел од оваа приказна. Повикувам да бидете активни, поставувајте прашања. Барајте одговори и давајте препораки“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски во декември 2024 година.
И кога премиерот ја даде оваа изјава и денес – вака изгледа интернет-страницата на можеби главната институција што треба да ја гарантира транспарентноста – Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер.
Три месеци не работи сајтот, три месеци не земаат плата и не работат вработените, а исто толку време институцијата не постапува по жалби. Има ли светло на крајот на тунелот?

Единствената точка на вчерашната седница на собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата беше утврдување предлог за директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Институцијата е без директор од 25 декември 2025 година, од претходно немаше ниту заменик. Без некој да образложи како и зошто, првиот човек на собраниската комисија го предложи кандидатот Петар Гајдов, па дури и изуми да отвори расправа за него со другите пратеници
„Предлог одлуката ја ставам на гласање, кој е за… Односно, отворам расправа, да не бара некој збор, извинете.. Бидејќи никој не бара збор предлог одлуката ја ставам на гласање. Кој е за?“,
изјави Сајкоски.
Излезе и дека навистина немало потреба од расправа. Пратениците од власта кренаа рака, без да кажат ниту збор за кандидатот кој го поддржаа. Пратениците од опозицијата не кренаа рака, но и тие одмолчаа.

А, ниту беше еден кандидат, ниту требаше да се утврди само предлог за директор.
За огласот за директор на Агенцијата беа пријавени сега веќе избраниот Петар Гајдов, доскорешната директорка Пламенка Бојчева и Миле Стојановски. Имаше и оглас за заменик-директор каде беа пријавени лицата Фатмир Зимбери, Исмед Сељмани, како и повторно Пламенка Бојчева и Миле Стојановски.

По завршувањето на седницата, го прашавме Сајкоски зошто не избраа предлог и за заменик, кога веќе имаше четворица кандидати пријавени за позицијата.
„Ние ќе распишеме, односно дадовме предлог за нов конкурс, нов оглас за заменик директор бидејќи од предложените кандидати немаше кандидат којшто може да биде на позицијата, не исполнуваше услови за да биде на позиција заменик директор“,
вели Сајкоски.

Но, како воопшто е можно ниту еден кандидат да не ги исполнувал условите, кога меѓу нив,на пример, се најде и поранешната директорка на институцијата, Пламенка Бојчева?
„Госпоѓата била директор, се кандидира и за директор и за заменик директор, меѓутоа не ги помина филтрите на Комисијата за избори и именувања за да може да биде предлог за ниту за директор ниту за заменик директор“,
рече Сајкоски.
Сајкоски не даде конкретен одговор, кои се филтрите кои не ги поминале Бојчева и другите кандидати. И, така, собраниската комисија испрати предлог, кој треба да биде потврден на пленарна седница.
Избраниот предлог за директор, Петар Гајдов, е дипломиран правник. Од 29 предмети во неговото факултетско Уверение, за 16 има оценка „шестка“, а просекот му е 6,69. Кариерата ја почнал кај фотографот Ѓорги Гајдов, па во фирмата „Крин Комерц“. Од 1997 до 2002 нема работен стаж. Од 2002 до 2004 работи во Основниот суд Скопје 2, па по три години без стаж се вработува во Општина Аеродром. По 14 години работа таму, во 2021 г., се сели токму во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Во моментов е Државен советник за правни работи во оваа институција.

Побаравме коментар за неговиот избор за предлог за директор, но во телефонски разговор ни рече дека ќе го почека исходот од пленарната седница.
Непосредно пред седницата, разговаравме со поранешната директорка и кандидатка на сегашните огласи за директор и заменик-директор, Пламенка Бојчева. Таа вели дека пред да замине од функцијата се обидела да ја заштити институцијата.
„Значи јас пред да си заминам од институцијата, на дел од вработените донесов решенија… со коишто на дел од вработените им дадов задолженија со тоа што еден вработен требаше да ги распоредува предметите, да се грижи за постапувањето по нив, да ги потпишува жалбите. На друг дадов овластување за потпишување на плаќањата, за реализација на плаќањата, за потпишување на платата. На трет, за грижа за човечките ресурси….. Како што имам сознанија, вработените сметале дека не треба да постапуваат по тие овластувања, се довел во прашање легитимитетот на тие овластувања, со оглед на фактот дека мене како директор на институцијата ми престанува, ми заврши мандатот. Значи, од тие причини, воопшто не функционира институцијата“,
изјави поранешната директорка.

Кога ја снимавме оваа изјава, не беа објавени имињата на кандидатите за прв човек на Агенцијата. Бојчева уште тогаш апелираше да се избере директор час поскоро, кој и да биде тој.
„Во изминатите три-четири месеци, откако на чело на институцијата нема прв човек, сè е во голема мера девалвирано, односно институцијата во голема мера ги изгуби своите позиции коишто ги имаше во нашето општество. А постоењето и работењето на оваа институција е од голема важност за остварување на човековите права, бидејќи правото на пристап до информации од јавен карактер е едно од основните, ако не и основно човеково право загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија“,
кажа Бојчева.
Првиот човек на собраниската комисија за избори и именувања, сепак, ја обвини токму Бојчева за тоа што институцијата остана неколку месеци без директор.
„Најнапред е грешка на тогашниот директор на институцијата што не поставил овластен потписник и што ненавремено го известил Собранието. Веднаш по добивањето на информацијата дека е истечен мандатот на директорката на таа институција Комисијата за избори и именувања распиша оглас, којшто оглас пропадна бидејќи не ги исполнуваа условите кандидатите коишто беа тогаш на таа селекција“,
изјави Сајкоски.

Програмската директорка на „Метаморфозис“, Данче Даниловска Бајдевска вели оти во целиот процес, загрижува фактот што Собранието не делуваше побрзо и поефикасно, туку по инерција, остави четири месеци Агенцијата да остане нефункционална.
„На крајот на 2024 започнавме со измени на Законот за слободен пристап и сега сме ‘26-та, ние уште во април месец бевме спремни како работна група со предлог измени на Законот за слободен пристап коишто и беа поставени на платформата за консултација со засегнатите страни, тоа е ЕНЕР, но исход нема. Законот е оставен или заглавен некаде помеѓу Владата и собраниската процедура и тоа значи дека она на што работевме пред година и пол за да бидеме уште подобри, а тоа се скратени рокови, зголемени надлежности на Агенцијата во однос на прекршочната постапка ако не постапуваат првостепените, седат некаде помеѓу институциите и измените не се донесени“,
рече таа.

Таа вели и оти загрижува трендот на зголемување на бројот на жалби кои пристигнуваат до Агенцијата, а констатацијата оти над 60 отсто од жалбите кои пристигнале во Агенцијата се поради административен молк покажува оти земјата е далеку од волја да се биде транспарентен и отчетен.
„Да не заборавиме, Агенцијата е прекршочен орган, значи може да поведе постапка против одговорните лица на институциите и службените лица и тоа сè е оневозможено во моментов. И затоа не смее да си дозволи Собранието да биде споро во носењето на одлуката, односно во именувањето на директор и заменик директор. За нас како граѓанско општество, за новинарите и за граѓаните, пак ќе повторам, ова уставно загарантирано право значи дека ако ви е ограничено имате проблем во владеењето на правото во државата, во доброто управување, а тоа не се добри индикатори“,
вели Даноловска-Бајдевска.
Додека се чека и официјалното именување на Петар Гајдов за нов директор, Агенцијата и понатаму останува во институционална хибернација, без да ги обработува барањата, но и без плати и функционален веб-сајт.
Ништо од тоа не оди во прилог на ветувањата на властите – земјава да напредува на листите за транспарентност.
