„Нема записничари, нема дактилографи, нема стручни соработници, значи секој судија треба да има тим со којшто ќе работи за да се постигнат максимални резултати. Мислам дека овој податок на ажурност на судовите се однесува на оваа мала бројка на вработени во судовите и се надевам дека оваа година ќе биде решен овој проблем и судиите со уште поголем елан ќе работат и ќе се постигнат уште подобри резултати“, рече членката на Судскиот совет, судијката Џанета Бектовиќ на денешната седница
Иако во 2025 година имало повеќе активни судии во земјава во споредба со претходната 2024 година, помал е бројот на судови кои за минатата година се оценети како ажурни.

Имено, во 2024 година како ажурни биле оценети 18 судови, додека минатата година оваа бројка е помала за два, односно вкупно 16 судови успеале да решат повеќе предмети од фондот кој им останал од претходната година и ги добиле во текот на минатата.
Овие податоци беа наведени на денешната седница на Судскиот совет каде прва точка на дневен ред беше годишниот извештај за работа на судовите за 2025 година, што го реферираа членките на Советот, Антоанета Димовска и Џенета Бектовиќ.
Според податоците што тие ги наведоа, произлегува дека помалку од половина од судовите во државата минатата година успеале да се справат со бројот на предмети. Ова може да се заклучи ако се земе предвид дека во земјава има вкупно 34 суда, од кои 27 се основни, четири апелaциски, Управен суд, Виш управен суд и Врховен суд.
Сепак, според судијките известители и нивните колеги што се вклучија во дискусијата по оваа точка, а тоа беше само судијката Данка Ристова, ваквата состојба не се должи на недоволно залагање на судиите, туку на недоволниот број на судски службеници.
„Би сакала да искажам честитки до сите колеги судии на територијата на Република Северна Македонија кои дале максимални напори и нивните судови се ажурни и минатата 2025 година и претходната 2024, додека по однос на колегите кои работат во судови кои се неажурни, би сакала да ја запознам јавноста со еден дополнителен податок. Доколку се направи компарација на активни судии во 2024 година во однос на 2025 година, активни судии во 2024 година биле 370 судии. Во 2025 година активни судии се 427. Значи зголемен е бројот на судии за 57 и оваа бројка е од судиите кои минатата година беа избрани од Судскиот совет и кои имаат завршено Академија за судии и јавни обвинители. Меѓутоа бројката на ажурни судови во 2024 година била 18 судови. Ажурни судови во 2025 година, бројката е 16. По некоја логика би требало за 2025 година да се зголеми бројот на ажурни судови. Меѓутоа на што се однесува ова? Сметам дека и покрај тоа што има, еве Кривичниот суд и тоа како е добар пример за добри резултати, меѓутоа Граѓанскиот суд не постигнува задоволителни резултати и покрај зголемениот број на судии, сметам дека ова е одраз на состојбата во основните судови, па и во апелациските судови каде што нема доволен број вработени од судската администрација – нема записничари, нема дактилографи, нема стручни соработници, значи секој судија треба да има тим со којшто ќе работи за да се постигнат максимални резултати. Мислам дека овој податок на ажурност на судовите се однесува на оваа мала бројка на вработени во судовите и се надевам дека оваа година ќе биде решен овој проблем и судиите со уште поголем елан ќе работат и ќе се постигнат уште подобри резултати“,
рече членката на Судскиот совет, судијката Џанета Бектовиќ.

Нејзината колешка Данка Ристова ги сумираше податоците за бројот на решени и нерешени предмети во текот на минатата година. Така, како што наведе, судовите во земјава лани во јануари од претходната година, наследиле вкупно 134 предмети. Во текот на годината примиле вкупно 540 122 нови предмети.
„Вкупно во работа судовите во Северна Македонија имале 674 851 предмет. Решени се 540 241 предмет, а на крајот на годината останале нерешени 134 610 предмети“,
рече Ристова.
Повикувајќи се на податоците, таа наведе дека според бројот на решени предмети секој од судиите во Македонија во текот на 2025 година решил во просек по 1 265 предмети.
Дополнително, Ристова кажа дека новите судии кои биле примени лани, се избрани по јуни, што, како што рече, значи дека судовите половина година работеле без тие 57 судии избрани од завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители.
Посочи дека лани судовите работеле без 400 судски службеници, чиј ангажман, како што кажа, е услов за еден судија да може успешно да си ја врши својата работа и да испорачува резултати.

Таа изрази надеж дека оваа година ќе се реши овој проблем и дека ќе се вработат барем 200 судски службеници, но, како што додаде, тоа не зависи само од Судскиот совет, туку и од другите власти, за кои рече дека ќе покажат разбирање.
„Исто така мораме да нагласиме дека 2025 година судовите работеа без 400 судски службеници кои имаа времени вработувања. Ова се податоци кои јавноста мора да ги знае и да знае дека во вакви услови судиите направиле огромен напор за да се дојде до ова бројка. Се надевам дека ветувањата дека ќе се вработат барем 200 судски службеници за да се дојде до резултат за помалку нерешени предмети. Никогаш не треба да се земе дека судијата може сам да работи. За судијата да постигне најдобри резултати, како што кажа колешката Бектовиќ, му треба тим, без стручен соработник, без дактилограф, судијата не може да ги даде резултатите. Тоа е основа, тоа се услови за работа на еден судија, што за ланската година за која сега зборуваме, не беше исполнето како услов. Да се надеваме дека нешто ќе се смени иако толку многу не зависи од нас. Се надевам на соработка и разбирање од другите власти кои одлучуваат во овој домен“,
рече Ристова.
