Партијата на умерениот центар, која освои 14 пратеници, се смета за силата која ќе има клучна улога во формирањето на идната влада, а сите очи сега се насочени кон нејзиниот лидер, поранешниот премиер на земјата, Ларс Леке Расмусен
Данските социјалдемократи, предводени од премиерката Мете Фредериксен, освоија најмногу гласови на општите парламентрани избори во земјата, но не успеаја да обезбедат сигурно мнозинство за формирање на идната влада, пренесуваат светските медиуми.

Со освоени 21,9 отсто од гласовите, социјалдемократите, кои се на власт од 2019 година, повторно завршија први на вчерашните избори, но го остварија најслабиот резултат на партијата по повеќе од еден век.
Пресликано во број на пратеници, партијата на Фредериксен освои 38 места во данскиот парламент и останува најбројна, но не доволно за самата да формира мнозинство.
„Жал ми што не добивме повеќе гласови, се надевав на подобар резултат. Но, денес нема ништо што може да ме растажи што социјалдемократите остануваат омилена политичка партија на Данците“,
изјави Фредериксен додека поддржувачите и гласачите на социјалдемократите ѝ аплаудираа по објавувањето на резултатите, пренесе Би-би-си.
Таа додаде дека е повторно подготвена да ја преземе одговорноста како премиерка на Данска за следните четири години.
Според прогнозите, за формирање влада се очекуваат, условно кажано, тешки преговори, кои би можеле да траат со денови или недели, ако се земе предвид дека гласачкото ливче имаше дванаесет различни политички партии, поради што изборите се сведоа на тесна трка меѓу учесниците во изборите.
„Црвениот блок“ на левичарските партии освои вкупно 84 места, обезбедувајќи мала предност пред „синиот блок“ од десницата, кој, според резултатите, освои вкупно 77 места во парламентот.
Имено, и двата блока не ги освоија 90-те места потребни за апсолутно мнозинство во данскиот парламент кој брои вкупно 179 пратенички столчиња.
„Јас сум одговорна за оваа прекрасна земја речиси седум години. И понатаму сум подготвена да ја преземам одговорноста како премиер на Данска“,
рече таа.
Партијата на умерениот центар, која освои 14 пратеници, се смета за силата која ќе има клучна улога во формирањето на идната влада, а сите очи сега се насочени кон нејзиниот лидер, поранешниот премиер на земјата Ларс Леке Расмусен.

Тој ја презеде водечката улога во справувањето со аспирациите на САД околу Гренланд, а особено внимание привлече неговото удирање со тупаница по состанокот со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар на САД, Марко Рубио во Вашингтон.
Опкружен од своите поддржувачи, тој рече дека е за формирање на центристичка влада.
„Ние стоиме во средината. Подготвени сме“,
рече тој, пренесе британскиот национален радиодифузер.
Од друга страна, Троелс Поулсен, кој ги предводи либералите, најголемата партија во „синиот блок“, категорично ја отфрли можноста повторно да влезе во влада со социјалдемократите и го повика Расмусен да ѝ се придружи на десницата.
„Можно е да се добие нов правец во Данска“,
рече тој.
На овие избори, левичарската Социјалистичка народна партија за првпат стана втора по големина сила со 11,6 отсто, додека десничарската Данска народна партија тројно го зголеми својот резултат достигнувајќи 9,1 отсто. Исходот би можел да зависи и од автономните територии Гренланд и Фарски Острови, кои даваат по двајца пратеници. Додека Фарските Острови веќе ги реизбраа своите претставници (по еден за двата блока), во Гренланд се очекуваат конечните гласови кои би можеле да го дадат своја тежина на тасот на вагата за формирање на идната влада.
Изборите во Данска се одржаа по обновените барања на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд, полуавтономна данска територија.
Четириесет и осумгодишната Фредериксен ги распиша изборите неколку месеци порано од очекуваното, сметајќи дека зголемените рејтинзи во анкетите поради нејзиното справување со заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд ќе ѝ помогнат да добие трет мандат.
Сепак, домашните, а не геополитичките, проблеми доминираа во кампањата. Тие ги вклучуваа трошоци за живот, состојба на економијата и загриженост за благосостојбата во земјата.
Многу левичарски гласачи се фрустрирани од нејзината миграциска политика, која ја сметаат за премногу строга, додека десничарите ја сметаат Фредериксен за премногу мека и неубедлива во решавањето на економските проблеми.
