Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, беше тестиран за коронавирус и резултатите ќе ги добие утре, потврдено е од неговиот ПР-тим. Ѓоковиќ беше тестиран откако коронавирусот се појави меѓу тенисерите, учесници во „Адрија тур“.
Откако Григор Димитров објави дека е позитивен за ковид-19, сите учесници беа тестирани и потврдено е дека се заразени Борна Чориќ, фитнес тренерот на Новак, Марко Паничи, како и тренерот на Бугаринот – Кристијан Грох.
Александар Зверев и целиот негов тим беа негативни на тестот, исто како и Марин Чилиќ и Андреј Рубљев, кои сепак решија да заминат во двонеделна самоизолација.
Новак одби да биде тестиран во Задар, тој дојде во Белград во текот на денот и го изврши тестот во српскиот главен град, а од неговиот штаб беше потврдено дека резултатите ќе пристигнат во вторник.
Покрај светскиот број 1, тестирани се и Ѓорѓе Ѓоковиќ, директорот на „Адрија тур“, како и целото семејство на Новак. Србинот ќе се обрати пред јавноста по добивањето на тестот.
Британскиот тенисер Даниел Еванс смета дека Ѓоковиќ мора да сноси одговорност бидејќи одбивал да се тестира, иако имал близок контакт со заболениот тенисер Димитров.
„Мислам дека тој постави лош пример за сите. Иако во таа земја не постојат мерки за социјално растојание, мислам дека требаше да се придржуваат до тоа. Тоа не е шега, зар не? Иако во таа земја мерките беа укинати и сè се врати во нормала, сè уште би се обидувал да се дистанцирам што е можно повеќе од другите луѓе, колку што можам. Воопшто не е добро што Григор Димитров има коронавирус и дека Чориќ има коронавирус, но ако „го вратите филмот“, зарем тоа е изненадување? Мислам дека тоа е прашање што сите треба да го поставиме. Можеме да научиме многу од оваа ситуација. Се надевам дека ова што се случи нема да го откаже УС Опен. Се надевам дека организаторите нема да се премислат, по сè што се случи таму“,
вели британскиот тенисер.