Испитен центар е монопол што МВР го дава на одредена фирма за секој плански регион во земјава одделно, досега на пет, а отсега на десет години. Новите услови предвидуваат построги критеруми, како воведување банкарска гаранција и обврска 15% од трошоците за возачка дозвола да се уплаќаат на сметка на МВР. Власта вели дека ова гарантира дека ќе се пријавуваат посериозни фирми, а опозицијата оти само ќе поскапи возачкиот испит
Од друга страна, одредени критериуми се релаксираат. На пример, досега се бараше секој апликант за Испитен центар да обезбеди (да поседува или да изнајми) полигон во секое од поголемите населени места на територијата за која конкурира. Но лани, како што објави „360 степени“, токму одбивањето на сопственик на полигон во Ресен да го изнајми објектот и на двајцата конкуренти за испитен центар во Пелагонскиот Регион, пресуди кој ќе го добие милионскиот бизнис. Сега, тој услов се укинува откако нешто слично се повтори во Вардарскиот Регион. Но, зошто дури сега?
Собранието деновиве усвои законски промени кои може да го засегнат секој што планира да се стекне со возачка дозвола. Владејачкото мнозинство предложи и изгласа измени и дополнувања на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, во делот што се однесува на Испитните центри.
Според кажаното на парламентарната говорница, а и според она што го вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, една од причините за измените се сториите на „360 степени“ за тоа како лани беше избрана фирмата што го доби монопоскиот бизнис за Испитен центар во Пелагонскиот Регион. Но, тоа не е и единствената причина. Ги побаравме аргументите „за“ и „против“ и од власта и од опозицијата.
Минатата година „360 степени“ објави серија прилози поврзани со младиот кичевец Филип Митрески, кој од МВР го доби монополскиот бизнис со возачки испити за Пелагонискиот Регион. Станува збор за партиски активист и поранешен член на Советот на Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
До лиценца за испитен центар стигна откако сопственичката на полигонот во Ресен, снаа во познатото семејство Бузлевски блиско до СДСМ, одби да му го изнајми објектот и на другиот апликант, со што практично реши кој ќе го добие бизнисот.
Една година подоцна, власта реши да смени дел од законските прописи за испитните центри. Се воведуваат нови давачки под образложние дека така ќе се кренат критериумите за апликантите, но истовремено се воведуваат и олеснувања под образложение дека така ќе се зголеми конкуренцијата. Меѓу другото, се брише обврската однапред да се добие согласност од полигоните.
„Мислам дека ништо не се придонесува во подобрувањето на состојбите и целта не е само, како што пишува во целите на законот којшто го поднесуваат, дека на овој начин ќе овозможиме полигоните да бидат користени“,
кажа од собраниска говорница пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.
„Ако ние не ги дадеме овие овластувања, еден полигон да не може да одлучи на кој испитен центар ќе може да му даде можност да управува, тогаш полигонот во Ресен ќе одлучи кој ќе ги организира испитите во Битола. Во право сум или не сум? Мислам дека вие добро знаете за што зборувам. Или еве да ви симплифицирам: ајде да зборуваме за Скопје за испитниот центар. Мислам дека вие подобро знаете од мене зошто ги кажувам овие две места, еве нема да одам во детали“,
рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со потпис на четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, власта поднесе предлог, а Собранието минатата недела ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се однесуваат на испитните центри. Во предлогот пишува дека со измените им „се обезбедува еднаков пристап на испитните центри во користењето на сопствени, закупени или полигони на други субјекти и се подобрува квалитетот на услугите за полагање на возачки испит.“
Конкретно, измените предвидуваат Испитниот центар да може да ги користи сите полигони на подрајчето на кое му важи лиценцата. Полигоните се обврзуваат да му го отстапат својот објект на кој и да е Испитен центар, а највисокиот можен надомест ќе го утврдува министерот за внатрешни работи; фирмите што ќе се пријават на конкурс за Испитен центар, нема да мора да имаат вработени, туку само договори за идно вработување ако ја добијат лиценцата; секој апликант за Испитен центар ќе мора да приложи банкарска гаранција од 10% од просечниот годишен приход на испитниот центар од тоа подрачје во последните три години. Гаранцијата се активира ако Испитниот центар е избран и потоа не работи како што треба; испитните центри ќе уплаќаат 15% од цената за полагање на секој возачки испит, на буџетската сметка на МВР.
Условите за избор на Испитен центар се важни бидејќи бизнисот е монополски. Лиценца добива само по една фирма за секој од осумте плански региони во државата. Досега, таа важеше пет години. Со последните законски измени, се продолжува на 10.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, смета дека тоа е предолг период во кој ќе нема можност за конкуренција. Забележува и што се воведува услов за идни вработувања, наместо кога конкурира, апликантот веќе да го има потребниот кадар.
Спасовски: Вие ќе имате фирми коишто работат со актуелни лиценци, коишто имаат вработени така како што пропишува законот, на тие вработени им плаќаат придонеси, здравствено-пензиско осигурување, плаќаат персонален данок за нив итн. И, од друга страна, ќе имате нова фирма којашто е заинтересирана да учествува, и тоа е добро да има конкуренција за да учествува, меѓутоа таа практично не треба да исполнува ништо во овој дел, не треба да има вработени коишто се однесуваат на областа, може да конкурира било која компанија…
360: Ќе треба да има договори, меѓутоа со одложено дејство.
Спасовски: Ќе треба да има договори за идно вработување. Тоа значи дека на државата нема да плаќа придонеси, дека нема да дава плата, дека нема ништо. Ако го земе бизнисот, ќе ги вработи и ќе почне да работи. Така што, тука немаме рамноправност во компаниите.
360: Постоечките испитни центри сепак ги вработиле тие луѓе, секако дека тие се и во некоја повластена положба можеби.
Спасовски: Не се во повластена положба. Исто така и досега било. Сите компании коишто сакаат да учествуваат, тие мора да имаат вработени во компаниите. И тоа е рамноправен пристап.

За Спасовски, спорно е и што секој кандидат за добивање лиценца за испитен центар ќе мора да приложи 10% банкарска гаранција. Така, вели, ќе се намали интересот за испитните центри, со тоа и конкуренцијата, а крајно ќе падне и квалитетот на услугата.
Спасовски: Во суштина, ние имаме предвидено во законот прекршочни казни, 10 000 евра за правниот субјект, 500 евра за одговорното лице во правното лице и административна мерка од 30 дена затворање на испитниот центар. Сега, практично, значи дека имаме тројно казнување, со тоа што ако во рокот од 30 дена не се отстрани недостатокот, покрај административната мерка на целосно одземање или трајно одземање на лиценцата, се активира и банкарската гаранција. Тоа е практично трета казна финансиска којашто е за таа компанија, што апсолутно за мене е неразбирливо.
360: Зошто?
Спасовски: Затоа што сметам дека тоа се премногу финансиски средства коишто треба да ги платат овие компании и не затоа што се големи финансиски средства, затоа што вие не можете за иста работа да казнувате три пати.
А, во однос на давачката од 15 отсто од цената на секој возачки испит кои ќе завршуваат на сметката на МВР, Спасовски предупредува дека е вовед во ново зголемување на цените.
„Постојат неколку одлуки на Уставниот суд коишто укажуваат на неуставност на ваков начин на финансирање од страна на приватни компании на државните институции и секако дека од тој аспект мислам дека е сериозно проблематично заради тоа што сега ќе чекаме да видиме дали е во суштина зголемувањето, односно 15-те проценти уплата кон Министерството за внатрешни работи директен повик или овозможување на зголемувањето на цената за полагање на возачки испит најмалку за 15%“,
вели Спасовски.
Спасовски до пред две години беше министер за внатрешни работи. И тогаш, како и сега од собраниската говорница, го поврзуваа со испитни центри, конкренто со скопскиот.
360: Дали вашата реакција се должи на лични интереси во бизнисот бидејќи конкретно, на собраниската седница, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на говорница го спомена скопскиот испитен центар, го поврза со вас?
Спасовски: Не, апсолутно, затоа што тоа што јас сум раководел во еден период со Министерството за внатрешни работи нема никаква врска со луѓето коишто ги добиле лиценците. Така што, не само еден испитен центар, добиле повеќе испитни центри лиценци во тоа време, што исто така не сметам дека и денеска министерот доколку издаде лиценци, а мора да издаде затоа што истекуваат, дека ќе биде поврзан некако со бизнисот. Така што ние само сакаме и треба да реагираме во моменти кога сметаме дека има одредени проблеми коишто ќе ни се случат во понатамошното делување. На крајот, најголемата одговорност е на пратеничкото парламентарно мнозинство коешто ги носи одлуките и коешто ги креира законските норми така како што тоа смета дека треба да ги креира.
Актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски ги брани законските измени како потреба за демонополизирање на бизнисот.
„Зошто токму сега? Одговорот е заради тоа што треба да следи наредниот оглас на територија на СВР Велес, којшто ќе треба да го избере најквалитетниот понудувач за склучување на договор за да може да го менаџира испитниот центар на територија на СВР Велес. И инспирирани од она коешто се случувало досега во континуитет, а особено имајќи ја предвид и вашата сторија којашто беше посветена на испитниот центар со Битола, целта на овие законски измени е суштинско демонополизирање на претходните законски услови коишто беа поставени така како што беа поставени“,
вели Тошковски.

За Тошковски, банкарската гаранција е прва во редот на суштинските измени.
Тошковски: Оваа 10-отстотна гаранција којашто ќе треба да биде уплатена, а којашто претходно ја немаше, ќе се активира доколку компанијата не ги извршува квалитетно услугите коишто државата ѝ доверила да ги извршува. Тоа е едната ваква клучна измена којашто ја имаме во законот.
360: И сега велите демонополизирање, а од друга страна го зголемувате рокот на траење на лиценцата од пет на десет години.
Тошковски: Така е.
360: Тоа не е дополнителен монопол?
Toшковски: Видете, опозицијата, од една страна, ме критикува дека со овие, со банкарската гаранција, со 15% надоместок којшто ќе бидат должни испитните центри да ги уплатуваат во буџетот на државата, дека сме удирале по буџетот на компаниите и на граѓаните од една страна, а, од друга страна, па, дека со тоа што со десет години сме го продолжувале рокот на важење на оваа лиценца сме им овозможувале поголем профит и монопол. Малце во колизија се двете тези коишто ги имаат, нели? Логично е, нели.
360: Добро, а нели вие сметате дека е премногу време десет години?
Тошковски: Не. Зошто го ставаме да е десет години? Заради тоа што цениме дека доколку одредена компанија ги исполнува сите овие услови коишто ги бараме, значи внесуваме банкарска гаранција, внесуваме 15% да биде исплатен надоместок спрема државата којшто никогаш досега го немало. Никогаш досега го немало. Тоа претходно тие 15% оделе на некое друго место.
Обврската 15% од цената за секој возачки испит да оди на сметка на МВР не ја поврзува со евентуално поскапување на полагањата во иднина.
Тошковски: Дали ќе имаме покачување на цените или нема да имаме покачување на цените не зависи од овој 15% надоместок којшто е утврден како надоместок којшто компанијата треба да го уплати спрема…
360: Но факт е дека е нова давачка.
Тошковски: За оние коишто ќе склучат нови договори. Вие доколку сте компанија којашто сака да го работи, да ја работи оваа работа и ги прифатите условите коишто се дефинирани во рамки на закон, тоа значи дека треба да работите согласно цените коишто сега се утврдени. Дали ќе се зголемуваат или нема да се зголемуваат не зависи од ова, од овој надоместок којшто ние го утврдуваме. Надоместокот не можеме да им го наметнеме на оние коишто претходно стекнале лиценца. Не можеме ретроактивно да важи.
Во планските региони течат постоечки лиценци, со исклучок на обновената во Битола, која лани ја доби „Супер возач“. Следна е Велес, каде што на почетокот на годинава прво се распиша јавен конкурс, па се поништи.
360: Што се случува во Велес? Го споменавте и вие на почетокот. Таму беше распишан конкурс, поништен е. И сега?
Toшковски: Таму ќе ни се случеше истото што ни се случи и во Битола, а тоа е не државата, не оној којшто ги има најквалитетните услуги, не оној којшто е спремен да понуди најмногу за граѓаните, туку оној којшто едноставно има монопол на пазарот да го добие, условно кажано, јавниот оглас. И поради тоа се промени законот, се предвидоа сите овие услови во насока на демонополизирање на условите коишто претходно законот ги имал, сè со цел да можеме да имаме поквалитетна услуга и сè со цел да можеме да имаме потранспарентна и поконкурентна постапка.
360: А, како знаете што би се случило во Велес?
Тошковски: Е, па, претпоставувам дека слични монополски услови во рамки на одреден град со одредени полигони ги има и на територија на СВР Велес како што ги има и на територија на СВР Битола. Видете, ако сме неценеле и сме сакале да ја играме играта како претходните во рамки на еден монополизиран поставен услов во закон, немаше да го менуваме законот. Видете, токму вашата новинарска куќа го детектираше тој предмет. Еве јас лично, пред да објавите вие сторијата дека има таква монополска поставеност на пазарот на територија на СВР Битола во Ресен, и јас ја немав информацијата дека има само еден полигон во рамки на градот Ресен.
360: Но, еве ве инспирирал и Велес. Може ли ова да значи дека сега во Велес ги олеснувате критериумите за да влета фирма блиска до власта?
Тошковски: Е, сега ги олеснуваме или ги зајакнуваме? Ова 15% уплата спрема државата, 10% банкарска гаранција итн. е олеснување или е поткревање на критериуми?
360: Во ред, ќе настапи појака фирма, да речеме, меѓутоа, еве, го олеснувате полигонот ако е тоа проблем.
Тошковски: Ама нели е целта да имаме појака компанија којашто би требало да понуди поквалитетна услуга спрема граѓаните?
Бизнисот со испитните центри е доходовен, оти ретко кој кандидат за возач положува од прва, а секое дополнително полагање значи дополнителни трошоци. Министерот Тошковски вели дека се планираат и други новини поврзани со работата на испитните центри кои во иднина би требало да го минимизираат човечкиот фактор при носењето одлуки, по примерот на „Сејф сити“.
