Се надева дека кандидатот предложен од Владата за републички јавен обвинител ќе добие квалификувано мнозинство при именувањето во Собранието и очекува да се покаже дека и не е така невозможно да се најде кандидат кој може, како што додава, да го премости политичкиот јаз меѓу парламентарното мнозинство и опозицијата
Конечно е дојдено времето со закон да се предвиди квалификувано мнозинство за именување на републички јавен обвинител во Собранието и за избор на членовите не Советот на јавни обвинители, вели Денис Прешова, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје.
Ова, според него, треба да биде и барање на опозицијата за нивна поддршка на Законот за јавни обвинители, кој се носи со квалификувано мнозинство.
Реакцијата на професорот доаѓа бидејќи за утре е закажана собраниската седница на која пред пратениците ќе се најде владиниот предлог – судијата Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. За избор на државен јавен обвинител потребно е апсолутно мнозинство во Собранието, односно најмалку 61 глас.

Во објава на Фејсбук, професорот пишува дека следејќи ја дебатата во врска со новите закони во сферата на јавното обвинителство, особено поврзано со мнозинството потребно за избор на т.н. републички јавен обвинител и членовите на Советот на јавни обвинители кои ги бира Собранието, не може да се изначуди на едно, како што вели, вкоренето толкување на амандманот 10, со кој е изменет членот 69 од Уставот.
Во релевантниот дел на оваа одредба кој се однесува на кворумот за одлучување во Собранието, Прешова вели дека се предвидува оти Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници.
„Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во конкретниот контекст оваа одредба се толкува во насока на тоа дека за именување на републичкиот и членовите на Советот од страна на Собранието со закон не може да се предвиди мнозинство различно од посоченото со уставната одредба бидејќи Уставот не предвидел такво нешто“,
вели тој.
Според него, Уставот воопшто нема ништо предвидено, односно воопшто не предвидува никакво мнозинство за именување или избор на овие функции додека во конкретните закони уште од 2007 година воопшто не е регулирано потребното мнозинство за избори или именување.
„Тоа ја отвара дилемата зошто законодавецот не би можел со конкретните закони да предвиди повисоко мнозинство, на пример квалификувано мнозинство, за избор или именување. Оваа дилема станува уште подлабока имајќи предвид дека според сегашното решение републичкиот и членовите на Советот можат практично да бидат избрани со 40 гласови во Собранието, односно со релативно мнозинство како што сега предвидува член 69 од Уставот. Само ако присуствуваат сите 120 пратеници ќе треба 61 глас за избор“,
објаснува тој.
Најинтересно, според професорот, е што Венецијанската комисија во своето мислење по повод двата закона, за јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, го има, како што вели прифатено ваквото толкување и поради тоа сега се тврди дека всушност Венецијанската комисија ни укажува дека за избор со квалификувано мнозинство, што е некаков меѓународен стандард, Уставот треба да биде изменет.
„Но, не е баш така. Не само заради нелогичноста на толкувањето, туку и поради тоа што, ако внимателно се чита, Венецијанска во своето мислење на одреден начин се оградува и вели Венецијанска комисија беше информирана за ваквото толкување на уставната одредба и доколку тоа е точно тогаш треба да се измени Уставот. Но, тие што ја информирале не и пренеле на Венецијанска дека, на пример, со измените на Законот за АВМУ во 2018 година се предвиде дека членовите на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ се бираат со квалификувано мнозинство во Собранието, или пак, дека уште од 2007 година Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците има долга листа на закони за кои е предвидено гласање со двојно, односно Бадинтерово мнозинство, иако добар дел од тие законите не спаѓаат во областите утврдени со став 2 од сегашниот член 69 од Уставот (култура, употреба на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, а дополнително со член 114 и законот за локална самоуправа). Исто така, за Законот за Собранието дополнително во текот на постапката беше предвидено дека треба да биде донесен со двојно мнозинство“,
објаснува Прешова.
Според него, ваквото толкување на уставната одредба не е соодветна бидејќи создава многу чудно двојство и вештачки разликува носители на функции кои Уставот ги споменува, но не го регулира мнозинството потребно за нивен избор или именување и носители на функции кои Уставот не ги споменува и за кои Собранието е слободно со закон да го определи потребното мнозинство за нивни избор или именување.
„Прилично апсурдно, нели. Уставниот амандман никако не е и не може да биде ограничување на законодавецот во предвидување и регулирање на посебно мнозинство за избор. Амандманот има за цел да обезбеди минимална поддршка и мнозинство во Собранието за одлучување додека Собранието со законите може да предвиди потребно мнозинство за избор или именување доколку смета дека тоа е потребно, се разбира, доколку во Уставот тоа мнозинство веќе не е утврдено“,
пишува професорот.
Ако Уставот, како што вели, е нем во однос на потребното мнозинство тогаш Прешова смета дека нема пречка таа празнина да биде пополнета од страна на законодавецот.
Во спротивно, предупредува дека може да се случи државниот јавен обвинител да го именуваат и со помалку од 61 пратеник.
Сето ова, вели дека многу повеќе наликува на користење на уставните одредби за политички пазар отколку на релевантно и соодветно толкување на Уставот.
„Може да се каже дека станува збор за ‘конституционализација‘ на политичкиот договор помеѓу ‘големите‘ политички партии да се толерира изборот на ‘свој‘ или партиски подобен кандидат за републички и во Советот. Сметам дека конечно е дојдено времето со закон да се предвиди квалификувано мнозинство за именување на републичкиот јавен обвинител и избор членовите не Советот на јавни обвинители и ова треба да биде и барање на опозицијата за нивна поддршка на ЗЈО кој се носи со квалификувано мнозинство“,
вели тој.
Според него, утрешната јавна расправа за ЗЈО ќе биде првиот тест за тоа дали се има ваква визија во Собранието и меѓу партиите или, како што веели, ќе продолжиме да робуваме на анахроно уставно толкување базирано на ригиден правен формализам од кој, додава дека премногу долго патиме и кој веќе пречесто се користи за задоволување на партиските математики и агенди.
Прешова се надева дека кандидатот предложен од Владата за републички јавен обвинител ќе добие квалификувано мнозинство при именувањето во Собранието, но и очекува да покаже дека и не е така невозможно да се најде кандидат кој може, како што додава, да го премости политичкиот јаз меѓу парламентарното мнозинство и опозицијата.
