Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, во изјава за новинарите во Брисел денеска изјави дека Рим го поддржува зајакнувањето на поморските мисии на ЕУ во Црвеното Море, но не и нивно проширување кон Ормускиот Теснец
„Не гледам дека НАТО донел каква било одлука во оваа насока или би можел да преземе одговорност за Ормускиот Теснец. Доколку тоа беше случај, тогаш телата на НАТО ќе одговореа на тоа соодветно“, рече Вадефул говорејќи во Брисел пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ
Италија е најновата меѓу европските земји, по Велика Британија, Германија и Грција, која со резерви реагира на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој бара од европските сојузници во НАТО да помогнат во отворањето на Ормускиот Теснец, пренесува „Гардијан“.

Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, во изјава за новинарите во Брисел денеска изјави дека Рим го поддржува зајакнувањето на поморските мисии на ЕУ во Црвеното Море, но не и нивно проширување кон Ормускиот Теснец.
„Не мислам дека овие мисии можат да се прошират и да го вклучат Ормускиот Теснец, особено затоа што станува збор за одбранбени мисии и такви што се насочени против пиратство“,
рекол Тајани.
Заменик-премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, изјавил дека неговата земја нема да попушти под уцените од САД за приклучување на европските земји во војната, притоа велејќи:
„Среќни сме што може да бидеме од помош со сателити и со комуникациски средства, но не барајте од нас војници и машини.“
Повикот на Трамп до европските сојузници, вклучувајќи ги Франција и Велика Британија, да испратат воени бродови за да помогнат во деблокирањето на Теснецот, наиде на ладен одговор и покрај тоа што владите во светот се погодени од зголемувањето на цените на енергијата.
Според правните експерти, секое воено вклучување на овие земји би довело до ескалација на војната што Соединетите Држави и Израел ја започнаа против Иран.
Освен економска цена, во смисла на порастот на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари и тешките последици по регионалната стабилност, војната веќе ја покажува и својата дехуманизирачка страна, со постојаниот пораст на бројот на цивилни жртви во Иран и Либан, а како последица на воздушните напади на САД и Израел.
Инаку, предлогот на Трамп е сојузниците да помогнат во деблокдата на Ормускиоит Теснец со поморски средства, односно со т.н. бродови миноловци – што Европа ги има повеќе од САД.
Европските влади досега се спротивставуваат на притисокот на американскиот претседател, но, како што наведува „Гардијан“, може да се случи промена во ставовите бидејќи станува збор за ситуација што се развива.
За потсетување, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека НАТО се соочува со многу лоша иднина ако сојузниците на САД не помогнат во обезбедувањето на Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Иран.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата земја нема да биде вовлечена во поширока војна и дека работи со сојузниците на одржлив план за повторно отворање на Ормускиот Теснец, пренесе Би-би-си.

Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул изјави дека Берлин не ја гледа улогата на НАТО во решавањето на проблемот со Ормускиот Теснец.
„Не гледам дека НАТО донел каква било одлука во оваа насока или би можел да преземе одговорност за Ормускиот Теснец. Доколку тоа беше случај, тогаш телата на НАТО ќе одговореа на тоа соодветно“,
рече Вадефул говорејќи во Брисел пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Во меѓувреме Ројтерс ја пренесе изјавата на портпаролот на грчката влада, кој вели дека неговата земја нема да се вклучи во никакви воени операции во Ормускиот Теснец.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас повика на дипломатски решение за да се овозможи проток на нафта и гас преку Теснецот, а за кое како модел би послужила иницијативата што ѝ овозможи на Украина да го извезува своето жито.
