Титулата за ученик на генерацијата ми ја врачија на интензивна нега. Во тој момент тоа ништо не ми значеше. Животот сосема поинаку ми се насочи и сфаќам дека тоа нема никакава вредност кога не си здрав, вели Надалина Грозданова
Во краток документарен филм насловен „Од пламен до надеж“ дел од повредените во пожарот во „Пулс“ сведочат за трагедијата која ја преживеаа на кобниот 16 март во Кочани. Во видеото објавено на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ што се одржа вчера во Скопје, повредените раскажуваат како успеале да се спасат, како се одвивало нивното лекување и третманот што го добиле од медицинските центри и помошта.
Меѓу нив е и 49-годишниот Александар Авукатов кој раскажува како успеал да се извлече од дискотеката „Пулс“, каде отишол заедно со колегите од неговиот бенд.
„Толку беше голема борбата со стихијата и стампедото што мене лично не ми остави простор да размислувам за нешто друго, дали нешто ме гори, дали нешто капе одозгора. Мојот фокус беше да останам на нозе, го гледам излезот, успеав во таа борба, да ќарам два чекори кои беа пресудни да излезам надвор покрај десниот ѕид. Таму ме пречекаа колегите од бендот кои ме транспортираа во болницата во Штип,“
раскажува Александар Авукатов.

25-годишниот Горан Тонев од Штип, настапувал како гитарист со ДНК. Раскажува дека успеал да се спаси откако му помогнала една девојка која со нејзината мајка го однеле во болницата во Кочани, а потоа бил пренесен на клиниките во Скопје, па транспортиран во болницата во Солун. Тонев бил во кома еден месец.
„Многу време бев во кома, во мојата глава беше исто како да сонуваш, меѓутоа имам некои сеќавања од моментот кога сум во вештачка кома. Се сеќавам кога првпат го прашав мојот татко кој датум е, не можев ни да зборувам како што треба поради изгорениците на дишните патишта, тој ми кажа 16 април“,
вели Тонев.

Повредените сведочат дека многу им помогнала рехабилитацијата во кампот на Пониква. Од големо значење велат дека била поддршката и третманот од лекарите.
Надалина Грозданова која имала 19 години сведочи дека сеќавањата од вечерта кога избувнал пожарот и се избришани. Таа раскажува дека животот целосно и се променил и дека вистинската борба почнала по будењето од кома.
„Од многу аспекти се сменив како човек. Порано се грижев за многу работи во животот, но денес сфаќам дека ништо нема вредност кога не си здрав. Поминува времето и мислиш дека се е ОК, ама не е. Титулата за ученик на генерацијата ми ја врачија на интензивна нега. Во тој момент тоа ништо не ми значеше и животот сосема поинаку ми се насочи и сфаќам дека тоа нема никакава вредност кога не си здрав“,
раскажува Грозданова.

„Здравиот човек има милион желби, ама болниот една – да оздрави. Тоа го сфатив на своја кожа. Многу сакам да се борам и да победувам, упорна сум во тоа“
додава Грозданова.

„Мојата порака до сите луѓе кои се соочуваат со некое искушение е да бидат благодарни на секој ден што го живеат, да ги ценат сите работи, да соберат храброст и да се борат,“
порачува Тонев.
На завршната сесија на конференцијата која се одржа вчера во Скопје, беше презентиран Националниот план за справување со масовни жртви. Министерот за здравство Азир Алиу порача дека планот е резултат на научените лекции од повеќе трагични настани што се случија изминатите неколку години.
Со имплементација на планот се очекува намалување на смртноста и зголемување на преживувањето при масовни жртви и инциденти, унапредување на координацијата меѓу институциите, континуирани обуки и вежби.
Обраќање имаше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која кажа дека кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо, ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на конференцијата порача дека државата има одговорност да создаде системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Тој ги прочита имињата на сите загинати, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности.
