Во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани се одржа света архиерејска литургија за помен на жртвите во пожарот во „Пулс“
Во присуство на семејствата, роднините, пријателите и блиските на загинатите во пожарот во „Пулс“, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан порача дека солзите што протекоа во Кочани станаа бол за целиот народ. Светата архиерејска литургија за помен на жртвите се одржа во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани.
„Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските“,
порача г.г. Стефан.

Фото: Принтскрин
Верските обреди во Кочани ги предводеше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и митрополитот на брегалничката епархија г. Иларион.

Фото: Принтскрин
Во рамки на одбележувањето на годишнината од трагедијата во Скопје се одржа Меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти на справување со последиците од пожарот во „Пулс“.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на конфернецијата порача дека трагедијата во Кочани не е само трагедија на еден град, туку трагедија што ја потресе целата држава и која засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество.
Мицкоски ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се осврна на ангажманот на полицијата и припадниците на МВР кои покажале, како што рече, покажале максимална професионалност и посветеност. Тој посочи дека околу 3 000 полициски службеници беа ангажирани на денот на трагедијата во Кочани.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска се заблагодари на здравствените работници од јавниот и приватниот сектор, кои, како што рече, со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам направија натчовечки напори да спасат животи.
На конференцијата присуствуваат 37 лекари и медицински експерти од странство, што во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествуваа во лекувањето на пациентите.
