Додека Боки 13 и Зоки Кичеец синоќа чекаа дали ќе им биде одредена мерка притвор на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал, полицијата дојде во домот на Катица Јанева и ѝ одзеде телефон, на барање на истото обвинителството. Претходно во денот, Катица Јанева поднесе оставка од функцијата која беше објавена во речиси исто време со веста дека Боки 13 и Зоки Кичеец се приведени. Како што се дозна подоцна, барале рекет од 8 милиони евра ветувајќи прекин на истражна постапка или олеснителни околности повикувајќи се на блиски релации со јавен обвинител. Како што објави „360 Степени“, според неофицијални но добро упатени извори, за рекетот користено е СЈО, а осомничените „тргувале со влијание“ за случајот „Империја“.
Втор ден молк од ОЈО- кој е јавниот обвинител
По одземањето на телефонот на специјалната обвинителка но и историјата на случајот „Империја“ јавноста веќе ја препознава Катица Јанева како името на обвинителот кој осомничените го користеле за изнуда. Обвинителството сепак одбива да ја потврди или отфрли таа релација, како и да открие дали е направена „услуга“ за делот од рекетот кој бил наплатен.
Засега, официјалниот став на ОЈО, е непроменет од вчера.
„Тој обвинител не го штити имунитетот и повторно ќе нагласам истрагата е отворена за да се утврдат сите околности на кривично правниот настан. Бидете уверени дека Обвинителството кон сите евентуални сторители на кривичното дело ќе постапува согласно закон“,
ги уверуваше новинарите републичкиот Јавен обвинител Љубомир Јовески.
Дали „Рекет“ може да се (зло)употреби против СЈО
„360 Степени“ се обиде да добие официјален став директно од Катица Јанева, но засега немаме одговор. Реакција нема ниту Специјалното јавно обвинителство. Но, тоа не ги спречува коментарите во јавноста кои одат на сметка не само на Јанева, туку и врз целата досегашна работа на СЈО. Адвокатот Александар Тортевски предупредува дека не треба да се брза со заклучоци, но додава и дека дури и да се докаже инволвираност на Јанева тоа не треба и не смее да влијае на останатите постапки и предмети на СЈО.
„Значи мислам дека треба да се почека, меѓутоа ни треба сериозна истрага за ова. Искрено се надевам дека ќе се покаже дека Катица Јанева била само невнимателна, заради тоа што ако се докаже нешто повеќе, тоа ќе биде уште еден сериозна поткрепа на тврдењето дека ние немаме критична маса и одговорни луѓе со кои ќе градиме држава. Не треба да ги доведе под знак прашалник ова другите предмети на СЈО. Овде може да има само состојба дека некому му било прогледувано низ прсти и тоа може да се санира. Најлошо е ако против некого се покрене постапка и се осуди, како што имаме предмети местени со Акмис системот, додека овде е сосема сигурно дека никој не е во затвор и ако некој имал привилегии и ако имало пропусти, другото обвинителство ќе ги преземат дејствијата што можеби ги пропуштиле овие“,
вели Тортевски за „360 Степени“.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека ако се докаже спрега меѓу СЈО и осомничените во „Рекет“, случајот несомнено ќе има далекусежни последици.
„Ова фрла голема сенка и сомневање на целото СЈО и моите колеги жестоко ќе го искористат скандалот, особено ако се создаде слика на еден од осомничените да стане жртва на изнуда, во ситуација во која и обвинители од СЈО учествувале, под услов ако шпекулациите од вчера се точни, ова е нешто што е голем срам и нешто што го поткопува не само правосудниот систем, туку и државниот систем. Да се реши статусот на СЈО час поскоро, но мора да се расчисти работењето и одговорноста на СЈО од досегашното работење“,
вели адвокатот Давидовиќ.

Аферата „Рекет“ доаѓа во време кога се уште течат партиските преговори околу новиот Закон за јавното обвинителство со кое треба да се реши и статусот на СЈО. Тоа е и една од темите поради која премиерот Зоран Заев ги повика лидерите на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците на лидерска средба в петок.
Не треба да заборави фактот дека СЈО, со Катица Јанева на чело, беше формирано во крајно деликатна политичка криза во земјата, која ЕУ ја нарекуваше „заробена држава“ од страна на претходната владејачка гарнитура. И покрај бројните сопки, тимот на Специјалното јавно обвинителство сепак успеа да поднесе 20 обвиненија до крајниот рок 30 јуни 2017 година, меѓу кои и за незаконското прислушување и за злоупотребите со кои се служела претходната гарнитура за да се оддржува на власт. За најголем дел од предметите, и по две години, судењата се пред основниот суд, каде темпото не го диктира СЈО туку судиите кои судат по овие обвиненија.