Судскиот совет, како колективно тело, своите одлуки може да ги носи исклучиво на седница и со јавно гласање. Затоа, заклучокот кој е донесен на работен колегиум претставува погрешен пристап и е спротивен на Законот за Судскиот совет, вели правната експертка Ивана Петковска
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во изјава за „360 степени“, вели дека поради разногласие меѓу членовите околу сметањето на стажот, одлучиле критериумот исполнетост на услови да се расправа на седница

Очигледно, лекцијата за постапување сè уште не е научена, реагира правната експертка Ивана Петковска, која вчера ја следеше седницата на Судскиот совет. Таа вели дека измените на Деловникот на Судскиот совет од 2026 година јасно предвидуваат дека комисијата се формира за да се оценува навременоста на пријавите и исполнетоста на условите. Додава дека и покрај тоа што Законот и Деловникот за Судски совет не предвидуваат дека ова тело може да носи одлуки во форма на заклучоци надвор од седница, сепак тоа се случило.
На вчерашната седница на дневен ред беше и Извештајот на Комисијата за навременост на пријави и исполнетост на услови по оглас за избор на судија на Уставен суд на Република Северна Македонија.
При реферирање на Извештајот, претседателката на Комисијата, Данка Ристова, кажа дека Судскиот совет со заклучок ги задолжил да ја ценат само навременоста и комплетноста на пријавите, без да го ценат критериумот – исполнетост на условите. Заклучокот, рече таа, е донесен на работен состанок на членови на Судскиот совет, со 8 гласа.
Петковска вели дека и по закон и по деловник, одлуките се носат исклучиво на седница.
„Она што се случи на вчерашната седница на Судскиот совет целосно отстапува од Деловникот за работа, кој самиот Совет го измени пред само еден месец. Очигледно е дека лекцијата сè уште не е научена во однос на обврската за постапување согласно закон и Деловник, иако Управниот суд пред помалку од една година веќе утврди незаконито постапување на Судскиот совет во претходната постапка за предлагање судија на Уставниот суд. Судскиот совет, како колективно тело, своите одлуки може да ги носи исклучиво на седница и со јавно гласање. Затоа, заклучокот кој е донесен на работен колегиум претставува погрешен пристап и е спротивен на Законот за Судскиот совет“,
вели Петковска за „360 степени“.
Таа предупредува дека со овој потег Судскиот совет отвора пат за нов управен спор.
„Ваквиот начин на постапување – во смисла дека не е важно што пропишуваат правилата, туку како ќе се договори Советот – може повторно да влијае врз постапката за избор на судија на Уставниот суд. Особено имајќи предвид дека постои реална можност оваа постапка повторно да биде оспорена пред Управниот суд поради прашањето за нејзината законитост“,
додава таа.
Разногласие
Претседателката на Комисијата на Судскиот совет, Данка Ристова, вчера истакна дека двете кандидатки од скопска Апелација, Елизабета Дуковска и Мери Дика Георгиевска, пријавени на огласот за избор на уставен судијa, поднеле навремена и комплетна документација, и сепак го спомена и нивниот работен стаж. Покрај неа, во Комисијата за разгледување на пријавите членови се и Исамедин Лимани и Сузана Јошевска-Антастасовска.
Јошевска-Анастасовска не се согласувала со тоа дека Комисијата треба да работи по заклучок на Судскиот совет. Од тие причини не го потпишала извештајот на Комисијата, ниту, пак, сакаше да расправа за содржината.
„Јас не го потпишав Извештајот бидејќи претходно не се согласив ниту со заклучокот, а Извештајот е изработен врз основа на заклучокот. Јас изразив несогласување со донесувањето на ваквиот заклучок и логично е да не го потпишам и извештајот, и од тие причини нема да го гласам. Не дека јас не ценам дека пријавите не се целосни и навремени, нема да го гласам извештајот бидејќи ценам дека е изготвен врз основа на заклучок во чие донесување немам учествувано“,
посочи таа.

Друга членка на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, пак, имаше забелешки зошто се споменува исполнетоста на условите.
„Зошто ние носевме заклучок за промена на ова? Ако веќе знаеме кои се, што документи имаат и дури по условот исполнетост има утврдувано Комисијата, тогаш зошто носевме друг заклучок? И не гледам зошто не би го гледале и тој услов, кога веќе од претседателот слушнавме дека не е исполнет кај еден од кандидатите. Зошто е донесен тој заклучок ако е утврден и условот за исполнетост“,
рече Чачаровска-Илиевска.

На ова претседателот на Советот, Александар Камбовски, додаде дека претседателката на Комисијата, сепак, ги нагласила само навременоста и целосноста на пријавите. Ваквиот извештај беше изгласан со девет гласа „за“ и еден „против“, оној на Јошевска-Анастасовска.
Што вели претседателот на Судскиот совет
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во изјава за „360 степени“, вели дека поради разногласие меѓу членовите околу сметање на стажот, одлучиле критериумот исполнетост на услови да се расправа на седница.
„Имаше разногласие во врска со стажот, дали се смета стажот и кога мирува судиската функција, оставивме за на седница да се расправа. Не е донесена финална одлука на колегиум, туку поради разногласие одлучивме да одлучуваме на седница“,
вели Камбовски.
За прашањето дали ова отвора пат кон нов управен спор, тој рече:
„Тоа не можам да знам, секој има право на тужба. Во секој случај, одлука на Судски совет е поголема од одлука на Комисија“.

Судскиот совет го измени Деловникот за работа токму по пресуда на Управниот суд за претходниот избор на предлог за уставен судија.
Како почна сè
Елизабета Дуковска вторпат влегува во трката за уставен судија. Таа како предлог на Судскиот совет беше избрана за уставна судијка од Собранието на 10 април 2023. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа.
По нејзината жалба, во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието.
По пресудата на Управниот суд, Дуковска беше „одјавена“ од Уставниот суд, а Судскиот совет објави нов оглас за избор на уставен судија.
Откако понатаму Судскиот совет формално ќе го утврди кандидатот за уставен судија, повторно треба да го испрати во Собранието, каде што треба да се гласа.
