„Очекувавме за секое дете барем по две минути да одвоеја. За жал, ниту едно дете не беше удостоено да биде споменато со име и презиме. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во ‘Пулс‘ не е само семејна болка, туку и институционална одговорност“, рече таткото на загинатата Надица Наунова
Дел од родителите на загинатите деца во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани денеска по комеморативната седница во Собранието изразија разочарување од пратениците, но и од институциите, од кои, како што велат, очекувале дека после една година од трагедијата ќе изразат поголема почит, а не да излезат само со празни говори.

Пред Собранието коментираа дека на комеморативната седница не биле споменати ниту имињата на нивните загинати деца, што за нив, претставува уште еден голем удар.
„Денеска сме собрани овде, повикани од Владата за комеморација на нашите деца после една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде дека ќе им оддадат почит на нашите деца, но се падна во вода. Комеморацијата за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање е голем удар за нас родителите. Ова не го очекуваме, ова е уште една голема рана за нас родителите“,
рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.
Таткото на Надица, Александар рече дека е револтиран од комеморативната седница во Собранието, повторувајќи оти очекувале барем имињата на нивните деца да бидат споменати.
„Очекувавме за секое дете барем по две минути да одвоеја. За жал, ниту едно дете не беше удостоено да биде споменато со име и презиме. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во ‘Пулс‘ не е само семејна болка, туку и институционална одговорност. Затоа очекувавме институциите што поскоро да ја преземат својата одгворност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот на Собранието, Африм Гаши“,
кажа Александар Наунов.
Според него, комеморативната седница била последна надеж за нив, родителите, а дека сега ја изгубиле и неа.
„Ние родителите ќе си патиме и ќе ја бараме вистинската правда и се надеваме дека ќе ја добиеме. Комеморацијата беше изнудена, под притисок од нас родителите. Ако не притискавме, немаше да се случи“,
рече тој.
Драги Стојанов, таткото на загинатиот Томче Стојанов рече дека е срамота дури после една година да се одржи комеморативна седница.
„Барем малку да имаа доблест и чест кон децата. Ова не е судбина, туку небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца сега ќе шетаат, но за жал во таква држава сме се родиле“,
вели тој.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќањето на комеморативната седница во парламентот по повод едногодишнината од трагедијата во Кочани што се случи на 16 март минатата година рече дека дури и по една година, тешко е да се изберат зборови, а уште потешко е да се изговорат.
„Оваа комеморативна седница не е само иснтитуционален формализам, туку заедничко поклонување на целата држава пред животите што згаснаа и пред семејствата што продолжуваат да ја носат тежината на оваа трагедија“,
рече тој.
Порача дека денешниот собир во парламентот е како ретко кога, без поделби на власт и опозиција ниту како претставници на политички партии или институции, туку како луѓе кои ја споделуваат болката на семејствата, на кои треба да им се испрати порака дека не се сами.
Обраќајќи им се на родителите на загинатите, собранискиот претседател ги увери дека нивната болка ја споделува целото општество, а споменот на нивните најмили е дел од колективна совест. Трагедијата во Кочани, додаде Гаши, нека биде последната во земјава, но нека биде и водич кон праведна држава.
„Со највисока почит кон секој изгубен живот и со молитва Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечноста. Нека е вечен нивниот спомен“,
вели Гаши.
Во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март лани, животот го загубија 63 млади, а повеќе од 200 беа повредени.
