Застапниците на обвинението денеска треба да се изјаснат по барањето на обвинетиот ексградоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, за укинување на мерката куќен притвор. На претходното рочиште во понеделникот, Судот го повика Обвинителството да се произнесе по барањето на Папазов, но јавниот обвинител побара тоа да го стори на денешната седница бидејќи, како што наведе, во овој момент ги нема сите информации
Во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани каде што пред една година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето, кое започна на 19 ноември лани, треба да продолжи со искази на сведоци на Обвинителството. Според информациите, треба да сведочат пет лица, но не се знае дали сите ќе се појават во судницата.

Дополнително, застапниците на обвинението треба да се изјаснат по барањето на обвинетиот ексградоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, за укинување на мерката куќен притвор. На претходното рочиште во понеделникот, Судот го повика Обвинителството да се произнесе по барањето на Папазов, но јавниот обвинител побара тоа да го стори на денешната седница бидејќи, како што наведе, во овој момент ги нема сите информации.
Според исходот од претходното, на ова рочиште со давање исказ треба да продолжи сведокот Трајче Димишковски кој од 2023 година до август 2025 година работел и во агенцијата за обезбедување „Рубикон”, како одговорен за обезбедувањето во училиштата. Еден период, односно од април 2025 година тој добил полномошно да потпишува за исплата на плати во агенцијата. Обвинителството реагираше дека сведокот дава сосема друг исказ од тој даден во истрагата, додека, пак, одбраната, исто така, имаше реакција наведувајќи дека не го добила исказот од овој сведок. Поради ваквите околности, одбраната на сопственикот на „Рубикон“ предложи распитот на овој сведок да се прекине и со него да се продолжи на следното рочиште, а одбраната за тоа време да се запознае со неговиот исказ даден во истрагата.
Во понеделникот искази дадоа тројца сведоци. Вработена во сметководствено биро кое соработувало со Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ сведочеше дека никогаш не сретнала некаков материјален документ дека помеѓу „Пулс“ и „Рубикон“ постоела деловна соработка. Сведокот Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за изнајмување за настани – озвучување, осветлување и сценски ефекти сведочеше дека година и половина пред трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани им продал опрема (бокс за далечинска активација) и прскалки на сега покојниот вокалист Владимир Блажев – Панчо и член од ДНК.
Според него, пред да се случи трагедијата во Кочани, но не давајќи конкретен временски период, на настап на ДНК во дискотеката „Де факто“ во Гевгелија, со прскалки и истото шоу, се запалиле платно и звучници. Зборувајќи за пожарот во Кочани, посочи дека врз основа на она што го видел од видеата, заклучил дека прскалките што се користеле вечерта биле несоодветни, со домет поголем од три метри.
„Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се исклучиво за надворешна употреба. На самите прскалки пишува колкав им е дометот и дали се за внатрешна или надворешна употреба“,
рече сведокот.
Дека во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани не била примена документација во врска со т.н. кабаре „Пулс“, сведочеше вработена во институцијата, која потврди дека Дирекцијата со години немала инспектор во градот. Одговарајќи на прашањата таа рече оти откако е таа вработена од 2019 година, директорите или инспектори на ДЗС не дошле во подрачното одделение на ДЗС во Кочани. Кажа дека имала една средба со обвинетиот Љупчо Грнчаштанов, инспектор во Дирекцијата, но како што рече, тоа не била контрола, туку пријателска средба.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
