„Од сите аргументи, предлагам отфрлање на наша надлежност за иницијативите бидејќи нема причина за поведување постапка или, пак, одлуката да биде дека сме ненадлежни за примената на законот“, рече уставната судијка Ана Павловска-Данева, која беше известител по предметот
Од друга страна, со наводите во иницијативите се согласија нејзините колеги, уставните судии Насер Ајдари и Осман Кадриу. Според судијата Ајдари, тоа што пораките со известувањата не се испраќаат на службените јазици утврдени со Уставот создава правна празнина
Системот „Безбеден град“ и дел од измените на Законот за прекршоците кои го отворија патот за негова имплементација не се косат со Уставот и нема основа за поништување на законските одредби. Вака со мнозинство гласови „пресече“ Уставниот суд, чии членови денеска на седница дискутираа, а потоа и гласаа по иницијативите кои ја спореа уставноста на дел од одредбите од Законот.

Пред уставните судии се најдоа три иницијативи кои беа споени во еден предмет. Две дојдоа од крилата на Алијанса за Албанците, едното предводено од Зијадин Села, а другото од Арбен Таравари. Третата иницијатива ја поднесе младиот правник Или Пачуку.
Во иницијативата што два дена пред стартот на системот „Бизбеден град“ ја поднесе Алијанса за Албанците предводена од Таравари се спореше тоа што системот не се применува подеднакво за сите граѓани, односно дека се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, а не и на целата територија на државата.
Неколку дена претходно, односно на 26 јануари, предводникот на другото крило на Алијанса, Зијадин Села, укажа дека законските измени се во спротивност со Законот за употреба на јазиците бидејќи во нив не е предвидено пораките што ги испраќа „Безбеден град“ до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, односно се испраќаат само на македонски јазик. Дополнително, Села забележа и дека е несериозно казните да пристигнуваат преку порака бидејќи, според него, не постои законска обврска граѓаните да поседуваат мобилен телефон или електронска пошта.
Адвокатот Или Пачуку, пак, освен за нееднаквата примена на целата територија на државата, во иницијативата тврдеше дека идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски, преку електронски систем, додека во други делови од територијата на државата не подлежат на ист степен на контрола и санкционирање.
Судијката на Уставниот суд, Ана Павловска-Данева, која беше известител по предметот, не се согласи со наводите на подносителите на иницијативите. Таа во дебата се осврна на практиката на Судот за неповедување постапка или отфрлање иницијатива кога станува збор за примена на закон. Како примери ги наведе случаите кога се оспрувала обврската за поставување камера и за Законот за основно образование, кој бил оспорен поради нееднаков пристап на учениците до интернет или до компјутери за време на ковид-пандемијата. Во таа смисла таа наведе дека овие иницијативи биле отфрлени бидејќи се навлегло во сфера на примена на закон.
„Уставниот суд носи решенија со кои се прогласува за ненадлежен кога станува бор за примена на некои законски одредби. Уставниот суд во континуитет има одлуки дека не ја оценува примената на законот“,
рече судијката.
Во однос на (не)употребата на албанскиот јазик во пораките и известувањата што граѓаните ги добиваат за сторен прекршок, според Павловска-Данева, нема потреба секое процесно дејствие поединечно да пропишува дека треба да се применува Законот за јазиците. Како што наведе, и поседувањето мобилен телефон не се коси со која било одредба од Уставот. За забелешките дека со Законот може да се злоупотребат личните податоци на граѓаните, таа наведе дека постои Закон за заштита на личните податоци и дека и Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за заштита на личните податоци, во конкретниот случај, ги дале сите согласности за заштита на приватноста на граѓаните.
„МВР изменило три-четири закони за да се приспособи на заштитата на личните податоци. Скратен е рокот за чување на снимени материјали од шест на еден месеци и донесени се правилници. За територијалната примена, во Законот за прекршоците нема одредба која важи за една, две или три општини, туку важи за целата територија“,
рече таа.

За примената на Законот, како што кажа, надлежна е извршната власт.
Во рамките на дебата, таа се осврна и на ерата на дигитализација и фактот што сите поседуваат мобилни телефони, компјутери и имаат електронска пошта.
„Во ера на дигитализација јас не знам како да се дигитализира ова наше општество кое, за жал, е на дното, ако ние немаме компјутери и мобилни телефони и притоа тврдиме дека не треба да имаме, а децата од прво одделение имаат мобилни и им служат за игра. Реално да зборуваме, макар што ова е настрана од Уставот и од законот“,
кажа Ана Павловска-Данева.
Од друга страна, со наводите во иницијативите се согласија нејзините колеги, уставните судии Насер Ајдари и Осман Кадриу.
Според судијата Ајдари, тоа што пораките со известувањата не се испраќаат на службените јазици утврдени со Уставот создава правна празнина.
„Отсуството на јасна законска гаранција дека ваквите известувања ќе се вршат на службените јазици утврдени со Уставот создава правна празнина која може да доведе до повреда на уставниот режим на употреба на јазиците“,
кажа тој.

Судијата Османи Кадриу во дел од дискусијата се осврна на заштитата на личните податоци на граѓаните.
„Дали Законот чии одредби се оспоруваат обезбедуваат соодветна заштита на личните податоци и една важна уставна категорија која се однесува на личните права на граѓаните санкционирани и уредени со нашиот Устав“,
рече Кадриу кој кажа дека нема да гласа по рефератот на Павловска-Данева.
Судијката Добрила Кацарска го поддржа рефератот, но предложи законодавниот дом да го доуреди членот 48-г став 1, односно како прекршокот е констатиран електронски, а сопственикот не го управувал возилото, туку некој друг кого го знае, да не мора лично да дојде со лицето кое било зад воланот за да даде податоци, туку тоа да може да го стори по електронски пат и по телефон.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски го поддржа извештајот на Ана Павловска-Данева порачувајќи при дебатата дека нема никаква основа за поведување постапка по иницијативите.

Според него, проектот „Безбеден град“ е проектиран да препознае возило и регистарска табличка, а не јазик.
„Добро е пораките да бидат на македонски и на англиски јазик затоа што и странец може да направи прекршок… Нашата држава е европски рекордер по бројот на жртви настанати во сообраќајни несреќи, и тоа е наша реалност. Тоа значи дека возилата станале оружје. Епа, тој што сака да вози возило ќе си поседува и мобилен телефон, ќе поседува и имејл, затоа што живееме во таков свет. Ако не, тогаш ќе оди со коњ. Проектот ‘Безбеден град’ е така проектиран да препознае возило, ги препознава возилото и регистарскиот број на возилото, тој не препознава јазик, возилото нема јазик“,
рече Костадиновски.
Измените на Законот за прекршоците кои го отворија патот за старт на системот „Безбеден град“ беа донесени на 23 јануари годинава. Нив ги поддржаа 81 пратеник, додека 19 гласаа „против“. За носењето на измените не беше потребно Бадентерово мнозинство.
Од Уставниот суд појаснија дека сите иницијативи што се однесуваат на Законот за прекршоците се отфрлени, додека сè уште во работа е предметот каде што се оспорени одредби од измените на Кривичниот законик (КЗ), а кои се поврзани со „Безбеден град, во делот на одземање возила.
