Судскиот совет со заклучок ѝ наложил на комисијата што самиот ја формирал да ги цени само навременоста и комплетноста на пријавите, а не и исполнетоста на условите. За судија да биде предложен и избран за уставен судија треба да има најмалку 20 години судиски стаж, а Елизабета Дуковска, како што соопшти Данка Ристова, има „21 година, 10 месеци и 18 дена, но од тие 2 години, 1 месец и 26 дена се работно искуство како судија на Уставниот суд на РСМ, период во кој ѝ мирувала судиската функција во Апелацискиот суд Скопје“

Дали Судскиот совет ќе ја елиминира Елизабета Дуковска, која по вторпат влегува во трката за уставен судија?
Ваква дилема се отвора по денешната седница на Судскиот совет на која се констатира дека двете кандидатки од скопска Апелација, Елизабета Дуковска и Мери Дика Георгиевска, пријавени на огласот за избор на уставен судијa, поднеле навремена и комплетна документација, но во работата на Комисијата што ги разгледувала пријавите со заклучок интервенирал Судскиот совет.
На денешната седница известителот Данка Ристова, која е претседателка на тричлената комисија, кажа дека Судскиот совет со осум гласа донел заклучок со кој ги задолжил, комисиски, да ја ценат само навременоста и комплетноста на пријавите, без да го ценат критериумот – исполнетост на условите.
И покрај таквиот заклучок, таа во излагањето како известител го спомена и стажот на кандидатките, кој е критериум во постапката. Поточно, за избор на уставен судија на предлог на Судски совет, се бара до моментот на објавување на огласот, кандидатот да има најмалку 20 години судски стаж.

„При огласот побаравме да се достават персоналните досиеја за двете кандидатки, од коишто утврдивме – за Елизабета Дуковска дека има работно искуство како судија од 21 година, 10 месеци и 18 дена, но од тие 2 години, 1 месец и 26 дена се работно искуство како судија на Уставниот суд на РСМ, за кој период ѝ мирувала судиската функција во Апелацискиот суд Скопје, додека кандидатот Мери Дика, до денот на објавувањето на огласот има работно искуство од 29 години, 7 месеци и 5 дена, но од нив, 6 години била член на Судскиот совет нас РСМ, за кој период ѝ мирува вршењето на судиската функција. Сметаме како Комисија дека и двата кандидата имаат приложено документација од која утврдивме дека се навремени и комплетни“,
кажа на седницата Данка Ристова, претседателка на Комисијата.

Разногласие во Судски совет
Комисијата за разгледување на пријавите ја сочинуваат тројца членови на Судски совет. Покрај Данка Ристова, тоа се и Исамедин Лимани и Сузана Јошевска-Антастасовска.
Јошевска-Анастасовска не се согласувала со тоа дека Комисијата треба да работи по заклучок на Судски совет. Од тие причини, не го потпишала извештајот на Комисијата, ниту, пак, сакаше да расправа за содржината.
„Јас не го потпишав Извештајот бидејќи претходно не се согласив ниту со заклучокот, а Извештајот е изработен врз основа на заклучокот. Јас изразив несогласување со донесувањето на ваквиот заклучок и логично е да не го потпишам и извештајот, и од тие причини нема да го гласам. Не дека јас не ценам дека пријавите не се целосни и навремени, нема да го гласам извештајот бидејќи ценам дека е изготвен врз основа на заклучок во чие донесување немам учествувано“,
посочи Јошевска-Анастасовска.

Друга членка на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, пак, имаше забелешки зошто се споменува исполнетоста на условите.
„Зошто ние носевме заклучок за промена на ова? Ако веќе знаеме кои се, што документи имаат и дури по условот исполнетост има утврдувано Комисијата, тогаш зошто носевме друг заклучок? И не гледам зошто не би го гледале и тој услов, кога веќе од претседателот слушнавме дека не е исполнет кај еден од кандидатите. Зошто е донесен тој заклучок ако е утврден и условот за исполнетост“,
посочи Чачарова-Илиевска.

На ова претседателот на Судски совет, Александар Камбовски, дофрли дека претседателката на Комисијата, сепак, ги нагласила само навременоста и целосноста на пријавите. Ваквиот извештај беше изгласан со девет гласа „за“, и еден „против“, оној на Јошевска-Анастасовска.

Откако понатаму Судскиот совет формално ќе го утврди кандидатот за уставен судија, треба да го испрати во Собранието, каде што треба да се гласа.
Дебатата по оваа точка од седницата на Судскиот совет може да ја погледнете на линкот во продолжение.
Во постапка за избор на уставен судија по предлог на Судскиот совет, од денеска, целосно е исклучена членката на Судскиот совет Антоанета Димовска. И покрај несогласувањето на дел од нејзините колеги, Судскиот совет на нејзино барање, донесе таква одлука.
„Општо познато е дека јас водев управен спор против одлуката за избор на судијката Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд, по јавно објавениот конкурс. Дуковска се јави на истиот и како не би се довело во прашање мојата непристрасност по одлучувањето, барам Советот да ме иземе од одлучување и гласање во текот на целата постапка, затоа што сметам дека навистина моето учество би го нарушило принципот на непристрасност, колку и да убедувам дека не сум пристрасна, таков ќе биде впечатокот во јавноста“,
кажа Димовска.

Како почна сè
Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа.
По нејзината жалба, во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
По пресудата на Управниот суд, Дуковска беше „одјавена“ од Уставниот суд, а Судскиот совет објави нов оглас за избор на уставен судија. Во меѓувреме, Дуковска ги користи правните лекови што ѝ се на располагање против пресудата на Управен, „одјавувањето од работа“ од Уставен и постапките на Судскиот совет во нејзиниот случај.
