Нападот врз руското дипломатско претставништво, според портпаролката на МНР на Русија, Марија Захарова, е очигледно кршење на меѓународните конвенции
Рускиот конзулат во иранскиот град Исфахан е оштетен во гранатирањето пред неколку дена – изјави вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Нападот врз руското дипломатско претставништво таа го нарече очигледно кршење на меѓународните конвенции.

„На 8 март, во иранскиот град Исфахан, како резултат на напад врз администрацијата на гувернерот на истоимената покраина што се наоѓа во близина, рускиот конзулат е оштетен. Прозорците на деловната зграда и станбените простори поврзани со неа беа скршени, а неколку вработени беа исфрлени од експлозивниот бран“,
изјави портпаролката на руското МНР.
Захарова вели дека за среќа нема жртви или сериозни повреди и додава дека сите страни треба да ја почитуваат неповредливоста на дипломатските објекти.
Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин вчера разговарал за конфликтот со својот колега, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и повикал на прекин на сите непријателства.
