Меѓународната агенција за енергетика најави вонреден состанок на своите членови за да даде детална процена на можните сценарија
Министрите за енергетика на Г7 денеска се откажаа од непосредна одлука за ослободување на стратегиските резерви на нафта и побараа од Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) да ја процени ситуацијата пред да преземе понатамошни чекори, пренесува Ројтерс.

Меѓународната агенција за енергетика најави вонреден состанок на своите членови за да даде детална процена на можните сценарија.
„Сите се подготвени да преземат мерки за стабилизирање на пазарот“,
изјави францускиот министер за финансии Роланд Лескор.
Според него, министрите побарале од ИЕА да разработи опции за потенцијално ослободување на нафтените резерви, додавајќи дека е важно да бидат подготвени да дејствуваат во секое време.
По објавата, цените на нафтата паднаа за околу седум отсто бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп посочи оти конфликтот на Блискиот Исток би можел наскоро да заврши, со што ги ублажи стравувањата од продолжени прекини во снабдувањето.
Лидерите на Европската Унија, пак, се очекува да разговараат за конкурентноста и цените на енергијата. Тоа вклучува разговори со германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и белгискиот премиер Барт де Вевер.
Европските влади се соочуваат со потенцијал за повторување на енергетската криза од 2022 година, кога високите цени на енергијата ги принудија некои индустрии привремено да се затворат по руските напади врз Украина.
ЕУ увезува повеќе од 90 отсто од нафтата и околу 80 отсто од гасот, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека сегашната криза јасно ја покажува ранливоста на Европа поради нејзината зависност од скапиот и нестабилен увоз на фосилни горива.
Земји членки на Г7 се Соединетите Американски Држави (САД), Канада, Јапонија, Италија, Велика Британија, Германија и Франција.
