„Веќе победивме на многу начини, но не победивме доволно. Продолжуваме, порешителни од кога било да ја постигнеме конечната победа што еднаш засекогаш ќе ја заврши оваа долгогодишна закана“, порача претседателот на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападот врз Иран е речиси завршен, нарекувајќи го „краткотрајна епизода“ во борбата против злото.

„Веќе победивме на многу начини, но не победивме доволно. Продолжуваме, порешителни од кога било да ја постигнеме конечната победа што еднаш засекогаш ќе ја заврши оваа долгогодишна закана“,
рече Трамп, пренесе Би-би-си.
Тој ја пофали американската војска, оценувајќи дека нејзиниот воен одговор бил неверојатен. Во оваа смисла Трамп уште еднаш повтори дека нападот всушност бил одбрана на САД од претстоен напад од страна на Иран.
„За една недела тие сигурно ќе не нападнеа. Беа подготвени. Ги имаа сите овие ракети и многу повеќе одошто некој замислуваше и ќе нè нападнеа, но планираа да го нападнат целиот Блиски Исток и Израел. Ако имаа нуклеарно оружје, ќе го употребеа против Израел, а ова ќе беше голем напад“,
рече Трамп додавајќи дека американските операции сериозно ја ослабиле иранската воена моќ.
Американскиот претседател се осврна и на изборот на новиот врховен лидер на Иран, велејќи дека никој нема поим кој ќе го води Иран по атентатот врз Али Хамнеи, и покрај тоа што неговиот син, Моџтаба Хамнеи, е именуван за нов врховен водач. Тој претходно го отфрли Моџтаба Хамнеи како неприфатлив избор да го води Иран, инсистирајќи дека мора да има улога во изборот на новиот водач на земјата.
