Според потпретседателот на СДСМ, сè води кон тоа дека лица одбиени за азил од Обединетото Кралство ќе добиваат работа во земјава на сметка на домашните работници. Александар Трајановски не се колеба во својот став дури и по интервјуто на британскиот амбасадор во земјава во кое изјави дека не постои договор за „извоз“ на одбиени азиланти од Обединетото Кралство во Македонија
Темата не ја отворивме ние, додава вториот човек на СДСМ. Ја објавија угледни британски медиуми, а ние само баравме одговор што се случува

360°: Изминатиот викенд имаше интензивна размена на пораки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ која почна со интервју на британскиот амбасадор во кое рече дека не постои договор одбиени азиланти да прима нашата држава за пари. Факт е дека СДСМ со недели водеше кампања во која ја обвинуваше власта дека се договорила да прими дел од одбиените за азил во Обединетото Кралство. Но, независно од политичката реторика, па дури и од ова интервју на британскиот амбасадор, факт е дека во пракса на терен не гледаме дека се случува нешто од тоа што вие го најавувавте дека може да се случи.
Трајановски: Прво, темата за мигрантите не ја отвори Социјалдемократскиот сојуз. Ја отвори Лондон. Реномирани медиумски списанија во Лондон ја отворија темата дека има заговор за мигранти, дека се отвора таа тема – пари за мигранти. Ние само баравме одговор од власт да каже што се случува. Дали стварно има договор, можеби моментално го нема, ама дека има преговори е сигурно. Дали тоа е точно и да се биде искрен кон граѓаните да се каже дали е тоа така. Што добивме ние? Декрет за забрана во Собранието да се зборува на таа тема, кој беше панично донесен со цел да не се навлегува воопшто во таа тема. Иако ние поднесовме и резолуција со цел да се стави крај на оваа тема, да нема никакви шпекулации, ни во еден момент владејачката партија не го демантираше, ниту демантираше официјален Лондон за овие намери. Втора многу битна тема е законот во Собрание кој се донесе за олеснување на економските работници за 2026 година.
360°: Но пак ќе кажам господине Трајановски, не гледаме дека нешто од тоа за што вие укажувавте дека може да се случи, дека се случува. Нема ништо. Не дошол или барем не знаеме за информација дека одбиен за азил од Обединетото Кралство, на организиран начин, стигнал во земјава.
Трајановски: Сè води кон тоа. Дали ќе ги крстиме економски работници или мигранти, сè води кон тоа. Пак ќе бидат одбиени луѓе од Обединетото Кралство кои тука ќе ја земат работата на нашите работници. И оттаму трга и тоа, тој стоп за покачување на минималната плата. Зошто го зборувам ова – па видете, „Бехтел и Енка“ отпушта наши работници, странски работници ги задржува. Дали се тоа мигранти или ние сакаме да ги прошверцува власта како економски работници, тоа е за мене исто.
360°: До СДСМ од дел напредниот дел од општеството, имаше критика за фобичноста во пристапот кон оваа тема, наспроти очекувањата од една левичарска партија да покаже емпатија и поголема отвореност.
Трајановски: Од таа емпатија и отвореност кон многу теми што ги имал Социјалдемократскиот сојуз во минатото, ВМРО го искористи тоа максимално и со една тотално лажна кампања дојде на власт. Така што сега, извинете, ама моравме да предочиме што може да се случи. Така што, јас сум сигурен дека има некаков договор, дали е тој постигнат или не, ќе покаже времето.
