Зошто некој би забранил снимање на депонија, таа не е приватен имот, ниту објект од историска вредност, најмалку воена база. Мислам дека намерата е да се заштитат од идни јавни реакции како вчерашната, вели еден од концесионерите во регионот, кој го одлага отпадот во депонијата „Русино“
Денеска, комуналниот отпад се истоварал непречено, што не беше случај претходно, велат засегнатите

Табла со известување за забрането снимање и фотографирање е поставена на влезот на депонијата „Русино“.
Потегот коинцидира со вчерашната реакција на концесионерите од регионот, кои до редакцијата на „360 степени“ испратија видео на кое се гледа колона од камиони кои чекаат на влезот. Тие се пожалија на безредие во истоварањето на отпад на депонијата, што им одзема значително време од работниот ден.
„Откако излезе веста вчера, се појави и табла со забрана да не се снима и фотографира. Јас не знам зошто некој би забранил снимање на депонија, таа не е приватен имот, ниту објект од историска вредност, а најмалку воена база. Мислам дека намерата е да се заштитат од идни јавни реакции како вчерашната“,
вели за „360 степени“ еден од концесионерите.
Напоменува дека новина е и тоа што денеска, во текот на целиот ден, комуналниот отпад се истоварал непречено.
А, вчерашната јавна реакција, како што кажаа засегнатите, беше резултат на тоа што проблемот се провлекувал подолго време наназад.
„Соработката со депонијата ‘Русино’ се одвива во општ хаос, не им се знае ниту работното време. Некогаш почнуваат со работа во 8, некогаш во 11, а од друга страна, нас нè условуваат дека мора да сме таму најдоцна до 15 часот, единствено прават исклучок за ‘Комуналец’ од Гостивар. Утринава бевме заглавени најмалку 2 часа. Наместо да работиме на терен, цела прва смена ја губиме таму, што е премногу“,
сподели еден од засегнатите во разговор за „360 степени“ вчера.
Објасни дека како концесионер во околна општина, обврзан е отпадот да го одлага во „Русино“, за што плаќа по 520 денари од тон, но посочи и дека како што редовно плаќа, така и си ги бара правата.
„И во трафика за цигари се чека ред“
Од раководството на депонијата негираа дека проблемот е хроничен.
„Немаме застој, тоа се случува понекогаш бидејќи имаме голема количина на отпад и ако ги пуштиме сите наеднаш горе, ќе нема каде да вртат. Девет општини се што одлагаат отпад, треба да имаат разбирање, голема е тонажата. Не е само да се одлага, ние треба да го средиме тој отпад. Ние им излегуваме во пресрет кога треба и после работно време. И во трафика да одите да купите цигари, се чека ред, не во депонија каде што девет општини одлагаат отпад“,
кажа во разговор за „360 степени“, директорот на ЈП „Русино Полог“, Сазан Хорвати.
Депонијата „Русино“ е регионална и во неа се одложува отпадот од деветте општини од Полог.
Пред две недели добија нова специјална механизација вредна над еден милион евра за поуспешно управување со цврст отпад и зајакнување на оперативниот капацитет на депонијата.
