По последниот случај во кој животот го загубија мајка и нејзината ќерка, невладините здруженија апелираат претстојното усвојување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026-2033, властите да го искористат како почетна основа за оваа промена и подобрување на состојбите
Последните случаи со фатални последици по жртвите и нивните блиски во Велес, Шуто Оризари и Скопје, како и фактот дека во последните години секој ден во полиција се пријавуваат повеќе од 15 случаи на семејно насилство, мора да бидат аларм за суштинска промена на пристапот на државата кон овој сериозен општествен проблем – велат од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.

По последниот случај во кој животот го загубија мајка и нејзината ќерка, невладините апелираат претстојното усвојување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026-2033, властите да го искористат како почетна основа за оваа промена и подобрување на состојбите.
„Бараме Владата да го утврди како приоритет соодветното планирање и распределбата на потребните буџетски средства за доследно спроведување на првиот акционен план 2026-2029 година, со јасно утврдено и прогресивно годишно зголемување на средствата за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“,
велат од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.
Се бара буџетските средства приоритетно да се насочат кон компоненти што ќе обезбедат навремeна и ефективна заштита на жртвите преку јакнење на капацитетите на Центарот за социјални работи и полицијата. Невладините здруженија понатаму бараат интензивирање на превенцијата на насилство преку кампањи за појаснување на тоа што всушност претставува семејно насилство, какви форми на насилство постојат, кои се последиците и потребите на жените што претрпеле насилство, како и како да се користат законските механизми за заштита.
„Постепено вклучување на сите практичари во процес на задолжителна почетна и континуирана едукација, со таргети на секои 6 месеци, за во рок од две години да бидат опфатени сите практичари кои имаат директен или индиректен контакт со жртвите. Проширување на мрежата на услуги за жртвите на национално ниво, преку прогресивно зголемување на поддршката за граѓанските организации“,
бараат невладините.
Конечно, се бара и системско решавање на егзистенцијалните проблеми на жените што претрпеле насилство преку обезбедување финансиска поддршка во периодот на транзиција 12 месеци по напуштањето на насилната заедница, бесплатна секундарна правна помош во сите постапки, здравствени услуги и долгорочно домување.
Од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација порачуваат дека последните трагични случаи, за кои оценија дека се резултат на нефункционалниот систем, мора да бидат пресвртница за државата да премине од декларативни мерки кон реална заштита на жените и децата.
