Хрватска е единствената европска земја означена во портокалова категорија, која подразбира патување во случај на крајна неопходност. Како објаснување се наведуваат сè почести инциденти, тензии и неповолни безбедносни околности, без да се прецизира за какви настани станува збор
За Албанија не е наведено зошто се препорачува дополнителна претпазливост, иако во делот за безбедносната состојба не се наведува дека нема закани за безбедноста
Министерството за надворешни работи на Србија ги советува своите граѓани само во крајна неопходност да патуваат во Хрватска, која е нивна соседна земја. За Албанија, пак, се препорачува патување со дополнителни мерки на претпазливост. Овие препораки се објавени на веб-страницата на српското МНР во рамките на рубриката „Семафор“, според која, сите држави во светот се рангираат по безбедност за посета со четири различни бои.
Хрватска е единствената европска земја во портокаловата категорија, која подразбира „патување во случај на крајна неопходност“, како и Албанија во жолта боја, за која важат „дополнителни мерки на претпазливост“.

Како објаснување за Хрватска, која е членка на Европската Унија, се наведуваат сè почести инциденти, тензии и неповолни безбедносни околности, без да се прецизира за какви настани станува збор. При патување, граѓаните се повикуваат да избегнуваат јавни собири и места каде што може да се очекуваат провокации и да бидат внимателни во комуникацијата. Посебен безбедносен ризик, како што се наведува, се организираните патувања, особено на спортски екипи и делегации од културниот сектор.
За Албанија не е наведено зошто се препорачуваат дополнителни мерки на претпазливост, иако во делот за безбедносната состојба не се наведува дека нема сериозни закани за безбедноста на посетителите.

Предупредувањата на српското МНР за безбедносниот ризик во земјите во светот се класифицирани во четири категории. Со зелена боја е означена категоријата „слободно патување со редовна претпазливост“, со жолта боја е „патување со дополнителни мерки на претпазливост“, со портокалова – „патување во случај на крајна неопходност“, а со црвена боја е означена категоријата „не се препорачува патување“.
Во црвената категорија на земји во кои на српските граѓани не им се препорачува да патуваат од безбедносни причини се вклучени 23 земји од Блискиот Исток, Азија и Африка. Меѓу другите, во црвената категорија е ставена и Украина, а Русија е во жолтата категорија, за која се препорачува патување со дополнителна претпазливост.
Северна Македонија и другите земји од регионот, освен Хрватска и Албанија, се во зелената зона, за кои се препорачува слободно патување.
