Според Руте, мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност, додавајќи дека С Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан
Верувам дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили е негова итна и целосна и политичка интеграција во Европската Унија. Ова денеска го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава.

Очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, како што додаде, со оглед на актуелните предизвици.
„Мора да ставиме крај на вештачките причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми. Најголема инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во ЕУ“,
рече претседателката.
Според неа, денешните сложени безбедносни околности бараат будност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
Посочи дека С Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на целиот регион.
„Во овој момент, а затоа е и тука генералниот секретар на НАТО, неопходно е во рамките на НАТО да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО“,
кажа таа.
НАТО, како што додаде, не е само воен сојуз, туку е заедница на споделена одговорност, и најважно, на заедничка визија, а државата продолжува да биде одговорна членка на Алијансата.
„Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност“,
вели Сиљановска-Давкова.
На прес-конференцијата генералниот секретар на НАТО, Руте, посочи дека С Македонија е вреден сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста од источната страна на Алијансата.
„С Македонија дава повеќе од два отсто за одбраната од својот Бруто-домашен производ (БДП), ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се достигнат пет отсто, како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и клучно е да ги постигнеме нашите цели и целосно да ги опремиме активностите на НАТО, а резултатот е поголема безбедност, поголем резултат и повеќе работни места“,
вели Руте.
Ја поздрави поддршката на С Македонија за Украина.
Според него, мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност, додавајќи дека С Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан.
„Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО се посветува кон заштита на сите свои сојузници, од каде што доаѓаат предизвиците“,
кажа тој.
На крајот рече дека можат да сметаат на Северна Македонија да го одигра својот дел во регионалната стабилност.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, попладнево пристигна во својата прва официјална посета на земјава. На скопскиот аеродром го пречека министерот за одбрана Владо Мисајловски.
