Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 2 март 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски
Со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, разговараме за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата по партискиот конгрес во Кавадарци од кој Христијан Мицкоски објави дека ова ќе биде негов последен лидерски мандат што значи дека партијата ќе добие нов лидер на крајот на 2029 г. Што мисли за ставот на Мицкоски да не прифати промена на Статутот, како ја прими одлуката на лидерот да нема потпретседатели на партијата, дали трката за нов претседател е веќе почната и дали тој лично има амбиција да застане на чело на ВМРО-ДПМНЕ по три и пол години – се дел од прашањата на кои одговара Николоски. Од делокругот на владиниот ресор Транспорт, со кој раководи, разговараме за: пролонгирањето на рокот за завршување на изградбата и одобрувањето нови 186 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид; за несогласувањето на УНЕСКО да се гради автопат Требеништа – Ќафасан (како дел од проектот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“); нереализираните најави за брзо започнување на изградба на „брза пруга“ со гаранција од Велика Британија; тендерот за набавка на 150 електрични автобуси.
