„ССМ нема мандат да учествува во ова и ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет“, вели претседателот на ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет. Причината, како што вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, е намерата „на мала врата да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1 600 денари“.
„ССМ нема мандат да учествува во ова и ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет“,
вели Трендафилов.
Според него, жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми.
Тој најави дека на средината на овој месец борбата за повисоки плати ќе продолжи повторно со протести.
На денешната седница на Економско-социјалниот совет, според најавите од министерот за економија и труд, на дневен ред треба да е просечната потрошувачка кошничка што Владата веќе ја има изготвено, а се очекува да биде објавена и точната сума за колку ќе се зголеми минималната плата.
