Во разговорот, премиерот посочил и дека нашите институции се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција за македонските граѓани што се наоѓаат таму
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека телефонски разговарал со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, изразувајќи солидарност со тамошниот народ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
Ова следува откако Иран утрово започна голем ракетен и беспилотен напад кон Израел, а експлозии се слушнаа и во неколку градови во Персискиот Залив, вклучувајќи ги Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби и Бахреин.

Во разговорот со лидерот на ОАЕ, Мицкоски посочил и дека нападите врз суверени држави и заканите кон целото цивилно население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност.
„Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на Соединетите Американски Држави (САД) останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и определба за спречување на понатамошна ескалација“,
информира премиерот на Фејсбук за разговорот со шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Мицкоски вели дека ја нагласил и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани што се наоѓаат во регионот.
„Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“,
вели тој.
Според него, нашата земја во контекст на стратешките интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.
