Лекарите од Клиничкиот центар во Белград велат дека е прерано да се предвиди нешто и оти во овој момент ситуацијата е постабилна отколку што била вчера

Здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, кој беше хоспитализиран поради пневмонија, утрово е стабилна, но сè уште сериозна, вели лекарот Спасоје Попевиќ, помошник-директор на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар во Србија.
„Тој сè уште е во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба. Прерано е да се предвиди нешто. Во овој момент ситуацијата е постабилна отколку што беше вчера“,
вели Попевиќ, пренесува српски „Н1“.
Попевиќ, исто така, вели дека редовно ќе ја информира јавноста наутро и навечер за состојбата на Дачиќ.
Денеска и српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека состојбата на Дачиќ е „нешто подобра“.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е некако подобра. Верувам во него“,
рече Вучиќ во видео од авионот со кој патува кон Казахстан, каде што ќе престојува во официјална посета.
Дачиќ вчера беше примен во болница, каде што му беше дијагностицирана пневмонија.
Докторите рекоа дека Дачиќ е на механичка вентилација ги добива сите потребни лекови и терапии.
