Од ДУИ очекуваат процесот да се одвива со строго почитување на владеењето на правото и пресумпцијата на невиност

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја поздрави одлуката на Артан Груби за враќање во земјата. Од партијата сметаат дека со овој чекор се отвора можност преку правична и непристрасна постапка да се изнесат сите аргументи и да се разјаснат сите прашања.
Од ДУИ очекуваат процесот да се одвива со строго почитување на владеењето на правото и пресумпцијата на невиност.
„Правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и политички влијанија. Само правична и професионална постапка и служи на на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните“,
се вели во партиското соопштение.
Партијата најави дека внимателно ќе го следи процесот во сите негови фази.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако утринава нивниот сопартиец Артан Груби се појави на граничниот премин „Блаце“ по што беше спроведен од полицијата. На социјалните мрежи и во дел од медиумите е објавено видео од приведувањето на кое се гледа како Груби, со јакна со качулка на главата и очила за сонце, со насмевка им ги подава рацете на полициските службеници кои му ставаат лисици.
Од „Блаце“, Груби беше пренесен во Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари каде што по прегледите од домскиот лекар е сместен во притворското одделение со уште еден притвореник.
Подоцна од Шутка, Груби е спроведен на распит во Јавното обвинителство.
Засега нема информација дали одбраната на Груби побарала укинување на мерката притвор или нејзино преиначување во поблага мерка за обезбедување негово присуство, што не треба да се исклучи со оглед на тоа што ексвицепремиерот самиот се врати во земјава.
