„Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа, Мала Речица се тресе од страв затоа што не знаат што сè е подготвен да прозбори. Кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, велат од владејачката коалиција
Црната кутија за владеењето на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, конечно се предаде. Сега не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови, се вели во денешното соопштение од владејачката коалиција ВЛЕН откако утрово поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на ДУИ, Артан Груби, се појави на граничниот премин „Блаце“, по што веднаш беше приведен од полицијата.

„Артан Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа, Мала Речица се тресе од страв затоа што не знаат што сè е подготвен да прозбори“,
се вели во соопштението од оваа коалиција.
Оттаму велат дека откако ДУИ катастрофално изгуби на локалните избори минатата година и паднаа во вода сите лажни ветувањата на нејзиниот лидер Али Ахмети за предвремени избори и наводен влез во владата, на Груби не му останува ништо друго освен да се соочи со соочи со сопствените гревови.
Дополнително од коалицијата прашуваат и дали Груби сега ќе им го зададе фаталниот удар на Ахмети и ДУИ.
„Но, кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“,
велат од ВЛЕН.
Според официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР), поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој повеќе од една година беше во бегство, утринава во 6:10 часот се појавил на косовско-македонската граница и при влез во земјава е приведен.
Груби е во бегство од декември 2024 година, откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „Државна лотарија“, во кој беше осомничен и лично тој.
