Во изминатиот период Вашингтон значително го зголеми своето воено присуство во регионот, вклучително и распоредување дополнителни трупи како подготовка за евентуална ескалација
Американскиот претседател Доналд Трамп е изненаден што Иран сè уште не покажува знаци на капитулација и не се согласува да ја ограничи својата нуклеарна програма, и покрај огромната концентрација на воени сили на САД на Блискиот Исток, рече специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во интервју за телевизијата Фокс њуз. Објаснувајќи ја перспективата на Белата куќа во овие преговори, тој кажа оти дека претседателот е љубопитен зошто официјален Техеран не попушта и покрај зголеменото воено и поморско присуство на САД во регионот.
„Не сакам да го користам зборот ‘фрустриран’ бидејќи тој разбира дека постојат многу алтернативи. Но, тој е љубопитен зошто не го сториле тоа. Зошто со целиот овој притисок, со целата оваа поморска моќ таму, не дојдоа кај нас и не ни кажаа: ‘Велиме дека не сакаме оружје, па еве што сме спремни да направиме?’. Сепак, тешко е да се натераат да го сторат тоа“,
рече Виткоф.
Во изминатиот период Вашингтон значително го зголеми своето воено присуство во регионот, вклучително и распоредување дополнителни трупи како подготовка за евентуална ескалација. Од друга страна, Техеран континуирано предупредува дека секоја воена интервенција ќе резултира со жесток контранапад врз американските бази на Блискиот Исток. Американската администрација бара Иран целосно да го предаде збогатениот ураниум, кој според нив може да се искористи за создавање атомска бомба, а дополнително САД инсистираат Техеран да ја прекине финансиската и логистичката поддршка за милитантните групации во регионот и драстично да ја ограничи својата ракетна програма.
Иранските власти, пак, се подготвени за одредени ограничувања во замена за укинување на исцрпувачките финансиски санкции, но одбиваат во тој пакет да се вклучи нивната ракетна програма или регионалната стратегија.
