Паралелно со дипломатските напори, на маса во Овалната соба остануваат и воените решенија
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е подготвена да разгледа предлог кој би му овозможил на Иран да задржи симболични капацитети за збогатување ураниум. Условот за ваквиот компромис, како што откриваат високи американски функционери за порталот „Аксиос“, е Техеран целосно и трајно да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје.
Иако шансите за постигнување договор засега се оценуваат како мали, извори од Вашингтон брифираат дека секој евентуален компромис ќе мора да исполни исклучително високи стандарди. Целта е да се убедат скептиците во администрацијата на Трамп, но и сојузниците на Блискиот Исток, пред сè Израел.
„Претседателот Трамп ќе биде подготвен да прифати договор што би бил суштински и што ќе може политички да го ‘продаде’ дома. Ако Иран сака да спречи напад, треба да ни даде понуда што не можеме да ја одбиеме. Доколку играат игри, нема да имаме многу трпение“,
велат американски претставници за „Аксиос“.
Паралелно со дипломатските напори, на маса во Овалната соба остануваат и воените решенија. Висок советник на Трамп открива дека претседателот сè уште нема донесено одлука за напад на Иран, но додава дека ситуацијата може да се промени преку ноќ. На Трамп веќе му биле презентирани воени сценарија кои вклучуваат директно таргетирање на иранскиот државен врв, односно врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, неговиот син Моџтаба и останатите верски лидери.
Во рамките на индиректните разговори, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер веќе побарале од Техеран да достави детален предлог за решавање на загриженоста на САД.
Од другата страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, најави дека нацрт-предлогот ќе биде финализиран во следните два до три дена, а според него, станува збор за договор од кој сите добиваат и кој ќе опфати политички обврски и технички мерки, со можност за вклучување на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, како надзорник на програмата.
