Сепак, како што пишува Би-би-си, тој останува под истрага и може повторно да биде уапсен или да биде повикан за дополнителни испрашувања

Поранешниот принц Ендру, чие целосно име е Ендру Маунтбатен Виндзор, по 12 часа е ослободен од полициски притвор откако вчера беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција, пишуваат британските медиуми.
Сепак, како што пишува Би-би-си, тој останува под истрага и може повторно да биде уапсен или да биде повикан за дополнителни испрашувања. Според пишувањата, претресите на Ројал Лоџ, поранешниот дом на Ендру во Беркшир, ќе продолжат и денеска.
Претходно полицијата во Томас Вали ги заврши претресите во домот на Маунтбатен Виндзор на имотот Сандрингам каде што беше уапсен.
Апсењето се случи откако полицијата од долината на Темза соопшти дека претходно овој месец полицајците ги разгледувале наводите дека Маунтбатен Виндзор му предал доверливи владини документи на Епстин, според досиејата неодамна објавени од американската влада.
Тој стана првиот висок член на кралското семејство уапсен по речиси четири века.
Маунтбатен Виндзор претходно негираше дека сторил нешто лошо во врска со Епстин, а Би-би-си пишува дека не одговорил на нивните барања за коментар за ниту едно од обвинувањата поттикнати од објавувањето на досиејата на Епстин.
По апсењето на поранешниот принц Ендру, се огласи и кралот Чарлс наведувајќи оти законот мора да се спроведува.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавната функција. Она што сега следува е целосен, фер и соодветен процес, во кој ова прашање ќе биде истражено на соодветен начин и од страна на надлежните органи“,
се наведува во изјавата на британскиот крал.
Тој повтори дека истрагата ја има неговата целосна и безрезервна поддршка и соработка.
„Јасно ставам до знаење: законот мора да се спроведува“,
истакна кралот Чарлс додавајќи оти нема повеќе да коментира сè додека трае процесот.
Вчера британската полиција соопшти дека привела 66-годишен маж од Норфолк под сомнение за недолично однесување на јавна функција и оти се вршат претреси на адреси во Беркшир и Норфолк.
Полицијата не го откри името на приведениот со образложение дека истрагата е во тек.
